Потпретседателката на хрватската Влада Мартина Далиќ свесно ја лажела јавноста за состојбата во Агрокор, трудејќи се да извлече корист за себе, објави порталот Индекс и додава дека врз основа на објавена електронска пошта се гледа дека за се уредно бил известен и премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ.
Далиќ по скандалот кој ја потресе Хрватска поднесе оставка, а Пленковиќ на прес-конференција рече дека одлуката за нејзината оставка ја донеле заедно.
– Мартина Далиќ поднесе оставка која ја прифатив- нагласи премиерот.
Од документацијата и електронската пошта кои ги поседува Индекс јасно произлегува дека премиерот Пленковиќ и министерката за економија Далиќ не само што намерно ја лажеле хрватската јавност зборувајќи невистини за состојбата на Агрокор, туку како премиер и потпретседателка на Владата ги искористиле своите положби со цел посебната група, чии членови ги избирала Далиќ, да може да заработи на Агрокор по 10 април.
Далиќ, која ја водела групата, никогаш не потпишала договор со ниту еден член на групата, ниту им дала некаков документ дека работната група работи за Владата. Се работело во тајност, а Далиќ со групата раководела преку приватна електронска пошта.
Како што се наведува, во таа посебна владина работна група биле Анте Рамљак и Томислав Матиќ како претставници на тогаш мала и непозната консултантска компанија Тексо Менаџмент, Матко Маравиќ и Тончи Коруниќ како претставници на ИнтерКапитал, Бранимир Брицељ од компанијата Алтера Корпрејт Фаненс, Адвокатското друштво Шавориќ и партнери, поточно адвокатите Борис Шавориќ и неговиот партнер од канцеларијата Тони Смрчек.
Сите тие добиле милионски ангажмани во Агрокор откако еден член на групата, Рамљак, станал посебен владин доверител и сите внесувале промени во законот кој подоцна ќе стане познат како Лекс Агрокор.