По три години, „Единство“ од Челопек денес го отвори новиот производен погон во Општина Брвеница, Тетово, инвестиција вредна 1.5 милиони евра. Истиот е направен по највисоки европски стандарди, а план на раководството на компанијата е објектот да се регистрира и за извоз, соопштија од Стопанската комора на Македонија.
Годинава компанијата прославува двоен јубилеј – 60 години од формирање на задругата и 40 години фармерска традиција. Се работи за една од најголемите компании во овој сектор со 24.000 свињи како објект за производство на сточна храна. Производите на „Единство“ Челопек во најголем дел завршуваат на пазарите во Скопје, Тетово, Битола, Кочани при што, повеќе од 50 отсто преку трговскиот ланец Веро, но и преку малите купувачи.
Во новиот капацитет на „Единство“ Челопек се планира расекување на свежо месо како и мали деликатесни серии преработки од сопствено свежо месо.
Во моментот вработени се 20 лица кои работат на две производни линии, за говедско месо со 40 грла максимум на ден до испорака како свежо разладено месо и за свинско месо со максимум двеста свињи на ден до испорака како свежо разладено месо.
Отварањето на објектот го поздрави и ресорниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски кој потенцира дека условите кои ги нуди Владата даваат резултати и помагаат да се намалува потребата од увоз на свежо свинско месо во Македонија.
Минатата година, истакна тој, беа произведени 13.000 тони свежо свинско месо а оваа, се планира зголемување за 10 отсто на производството.
– Владата ги зголеми субвенциите во свињарството за 10отсто креирајќи поволен амбиент за развој на оваа стопанска гранка, истовремено застанувајќи зад фармерите и производителите на свинско месо како гарант и нивна подршка – рече Николовски.
На отворањето на новиот производен погон во Брвеница, тетовско присуствуваше и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески со своите соработници.