Цел ден во Кривичниот суд во Скопје денеска се изведуваа дополнителни докази во случајот „Тенк“ кој се однесува на набавката на блиндираниот мерцедес вреден речиси 600.000 евра, па остана СЈО и одбраната на Никола Груевски завршните зборови да ги кажат на наредното рочиште закажано за во четвртокот.
Еден од тројцата адвокати на Груевски, Димитар Дангов побара од судијката Добрила Кацарска ако може наредното рочиште откако СЈО ќе ги даде завршните зборови тоа да се одложи и тие нивните завршни зборови да ги кажат наредниот ден. Кацарска му одговори дека не може да го бараат тоа од сега и оти завршните зборови веќе се закажани за во четврток.
Денеска, како што информиравме во текот на денот, СЈО предложи неколку дополнителни докази, адвокатите на Груевски предлагаа повеќе. Се приговараше за доказите, судечкиот совет во неколку наврати се повлекуваше на пауза за да одлучи дали ќе се прифатат или не доказите…
Откако во четвртокот ќе бидат дадени завршните зборови, потоа ќе се очекува судечкиот совет со кој претседава Добрила Кацарска да ја соопшти пресудата, што според распоредот за судења се очекува да се случи до крајот на мај.
Во случајот покрај Груевски обвинет е и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.
На екс премиерот му се става на товар кривичното дело примање награда за противзаконско влијание, додека на Поповски злоупотреба на службената положба и овластувања. За истото дело како Поповски обвинета е и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, меѓутоа судската постапка за неа беше раздвоена поради ризична бременост.