Зоран Заев неодамна даде скандалозна изјава кажувајќи и најавувајќи каква пресуда не очекува во овој случај. Заев во изјавата кажува дека ќе се видело оти има правда, дека ќе дојде пресудата, дека ќе се видело оти нема договор меѓу Груевски и Заев, рече Никола Груевски, додавајќи дека со таквата изјава имплицитно била најавена пресудата и дека се гледа оти има договор меѓу Заев и судот.
– Она што го гледаме сега е ситуација кога треба да дојде правдата на Заев, а не на судот. Што и да се случи, правдата ќе остане на виделина, ниедно незаконско работење нема да остане закопано во земја – изјави Груевски.
Тој уште еднаш потсети на одредени написи во порталите дека постои договор меѓу судијката Добрила Кацарска и Заев, таа да стане претседателка на Апелациониот суд и за возврат да донесе ослободителна во „Поткуп“, а осудителна пресуда во „Тенк“.
– Ова е предмет кој е дел од групата предмети кои се водат како дел од политичката хајка. Хајка за одмаздување и оцрнување на политичкиот противник, замајување во период кога се преговара за името на државата – изјави поранешниот премиер.
Груевски зборуваше и за дополнителните докази кои ги предложи неговата одбрана на денешното рочиште.
– Ние како одбрана доставивме неколку нови предлози на докази кои се интересни а тоа е дека вештакот Тале Герамитчиоски не ја продолжил лиценцата од Министерството за правда, особено што се наведува дека за дозвола за такво вештачење е правен стручен испит во ноември 2017, а тоа е правено во април 2017. Дополнително е и што фирмата преку која е правено вештачењето била подружница за странска фирма, а нашите закони не го дозволуваат тоа – рече Груевски.
Писмото од „Макауто стар“ кое го предложиле, рече тој, докажува дека и порано фирмата имала барања од клиенти за кои увезувала автомобили од марки за кои не е генерален застапник. Таков е и доказот кои го предложија од Општина Новаци која набавила возило преку фирма која не била застапник за таа марка што ја набавила општината.
Писмото од компанијата судот го прифати како доказ, додека доказот поврзан со Новаци е одбиен. Меѓу еден од доказите кои го предложи одбраната беше и стручен наод од вештак за бомбите во кој се наведува дека при преземањето такви материјали од друг електронски медиум се отвора можност за нецеловитост на истите. Меѓутоа, судијката го одби овој предлог бидејќи во документот од извештајот нема никакви конкретни наоди за „бомбите“, туку едноставно предлага да се направи вештачење во лабораторија.
– СЈО се противи на секој доказ кој го понудивме како одбрана зашто гледа дека цел случај им падна. Имаат трул случај – рече Груевски.