Заедничко родителство по развод – предизвик за пратениците

Со разводот и разделбата престанува еднаквоста помеѓу родителите, законот е недоречен а праксата на центрите за социјална работа е застарена и иста веќе половина век.

512

По разводот сите останати имаат слободен пристап до нашите деца освен ние, родителите од втор ред, а ние имаме слободен пристап до сите останати деца, освен до нашите, рече во своето обраќање претставникот на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод, Наум Рибароски на денешната јавна расправа на седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Од Иницијативата очекуваат едногласна поддршка од партиите во насока на измена на Законот за семејство бидејќи, како што рече Рибароски, нивно барање е надпартиско и е од интерес на сите нас и на нашите деца.

Измените кои ги предлага иницијативата имаат поддршка од канцеларијата на Народниот правобранител, од здружението Пет до 12, од стручни лица и голем број родители кои се лично засегнати со овој проблем.

На јавната расправа се пријавија голем број дискутантни а беа презентирани и резултатите од анализата на искуствата со заедничко родителство по развод и разделба од другите земји според кои психолошките и здравствените проблеми кај децата кои се гледаат подеднакво со двајцата родители, се приближни до оние од функционалните семејства а драстично се разликуваат од оние кои живеат во еднородителски семејства.

Своите искуства ги споделија и мајка која со својата ќерка се гледа само 4 дена месечно бидејќи толку ѝ одредил Центарот за социјална работа, татко чие дете е киднапирано и однесено во друга држава и не го видел 7 години, но слушнавме и позитивен пример за заедничко и споделено родителство после развод кој го сподели мајка која решила на своите ќерки да не им го ускрати правото да се гледаат и со својот татко. Иницијативата ја има поддршката и од стручната јавност, од присутните психолози и психотерапевти.

Јавната расправа продолжува, а на листата најавени за дискусии се уште многу дискутанти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...