Воздржан оптимизам за можноста за решение во пресрет на средбата на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија, изразува грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, во интервју за грчкото радио „Реал фм“.
– Направена е систематска работа, прашањата се стигнати до нивното јадро и сега е време да се разговараат на највисоко ниво. Имаме воздржан оптимизам дека може да имаме договор – вели Катругалос и ги демантира информациите објавени во медиумите во Грција во текот на викендот, за одреден временски рок и преоден период за имплементација на договорот.
Тој вели дека договорот нема да наликува на Времената спогодба, ќе биде комплетен и нема да остава „опашки“, затоа што во спротивно нема да биде согласно со поставените грчки предуслови.
– Може да има временски период за прашањата што не можат да се решат во моментот на потпишувањето, но во никој случај нема да биде Времена спогодба како претходно – објаснува Катругалос во интервјуто за грчкото радио.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, алтернативниот шеф на грчката дипломатија изрази убеденост дека договорот што владата ќе го донесе ќе биде национално корисен и ќе добие поддршка од парламентот.
Во однос на информациите за зголемено парламентарно мнозинство од 180 пратеници, Катругалос вели дека Уставот такво нешто предвидува само кога станува збор за отстапување на националниот суверенитет, а во конкретниот случај не постои такво нешто.
– Ние сакаме и не само што сакаме, туку сме и сигурни дека ќе има пошироко парламентарно мнозинство со оглед на тоа дека ќе биде национално корисен договор. Нема никаква уставна причина за 180 гласа – објасни Катругалос.
Тој додаде дека ако опозициската Нова демократија не гласа за договорот, тоа ќе биде голема грешка за лидерот на партијата Кирјакос Мицотакис, бидејќи, како што рече, актуелната национална линија на Грција е истата што неговиот татко Константинос Мицотакис ја поставил, но и истата со онаа на Костас Караманлис од 2007 година.