Верувам во Заев, нема да прифати сѐ што ќе побараат Грците!

Без оглед колку бедно ме напаѓа Штабот на колосалните будали, очигледно избрифирани од еден центар, останувам цврсто уверен дека Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Никола Димитров нема да прифатат бесмислено решение, кое не е никаков компромис, туку понижувачки пораз за Македонија.

3557

Преговорите за спорот за името ги следам долго, практично од самиот почеток. Освен она што е општо познато, тоа дека секогаш сум се залагал за компромисно решение, би сакал да потсетам и на фактот дека клучното спорно прашање отсекогаш беше опфатот на употребата на новото меѓународно име, што треба да го замени сегашното привремено (провизорно) име БЈРМ.

Колку што мене ми е познато, на преговарачката маса до сега е разговарано за три клучни формули. Првата формула беше предлогот на македонската дипломатија на чело со Глигоров – новото име да биде само за билатерална комуникација меѓу двете земји. Втората формула беше новото име да биде не само за билатерална комуникација, туку да се користи и во меѓународните организации. Третата формула, пак, фрлена на маса во периодот на режимот на Груевски, е новото име да се користи за целосна меѓународна употреба, erga omnes.

Сакам да нагласам дека таа формула erga omnes, која јас ја прифаќам како единствено можно и реалистичко решение во овој момент – да повторам, име за целосна меѓународна употреба! – е огромна отстапка од македонска страна и дури и кршење на логиката на билатералните договори. Имено, правото вели дека билатерален (inter-partes) договор не може да обврзува трети страни. Што значи тоа? Договорот меѓу Македонија и Грција за новото име не мора да ја обврзува Турција, на пример, која може и понатаму слободно да ја ословува нашата земја според билатералниот договор склучен со неа. За да се реши тој проблем, Македонија веројатно ќе мора со уставен амандман да го „запише“ своето ново меѓународно име и за тоа да ја извести целата меѓународна заедница. Така решението, всушност, би можело да стане erga omnes.

Повторувам, тоа е огромна, драматична отстапка од наша страна! Голема победа за Атина!

Како и да е, тврдам дека никој од Македонија никогаш (сериозно) не преговарал новото компромисно име да се употребува и дома, во нашата земја. Се осмелувам да кажам дека тоа сериозно и не било барано од грчка страна. Зошто? Затоа што употребата на новото име во домашниот правен сообраќај во нашата земја, како и во образованието и секаде каде што официјално се употребува името Република Македонија, за Грција не е никаква придобивка. Какво фајде имаат Грците од тоа? Никакво! А за оваа генерација македонски политичари, таквото „решение“ би било едно големо, историско понижување.

Затоа, без оглед кој што мисли, говори и пишува, без оглед колку бедно ме напаѓа Штабот на колосалните будали, очигледно избрифирани од еден центар, останувам цврсто уверен дека Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Никола Димитров нема да прифатат едно такво, бесмислено решение, кое не е никаков компромис, туку понижувачки пораз за Македонија. Јас верувам во храбриот Зоран Заев, верувам дека нема да прифати сѐ што ќе побараат Грците.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...