Ѕвездата на Кливленд Кавалирс, Леброн Џејмс демонстрираше смиреност, и покрај тешкиот пораз од Бостон во првиот натпревар од финалето во Источната конференција на НБА.
Кавси загубија со 83:108, а „кралот“ го одигра најслабиот дуел во својата кариера во плејофот, откако заврши со 15 поени, со шут од игра 5/16, 7 грешки, а со него на паркетот, гостите губеа со минус 32 поени. Сепак, тој остана смирен.
– Во оваа фаза воопшто не сум загрижен. Тоа е почетокот на серијата, а идејата е со нејзиното напредување да се подобриме. И другпат сме заостанувале со 0-1 и 0-2, па воопшто не сум загрижен, без разлика колку лошо сум играл, рече Џејмс.
Леброн и понатаму е уверен во својот тим, а по два дена ќе имаат нова можност да покажат што знаат. Статистиката вели дека гостинот од Охајо постигнал само 4 тројки од 26 обиди, а вкупно беа прецизни во само 35 отсто од упатените удари.
– Шутот од дистанца е важен дел од нашата игра. Дури и во овој натпревар имавме обиди од добри позиции, кои ги промашивме. Во следните натпревари сигурно треба да се справиме подобро, но ако ја движиме добро топката и излегуваме во добри позиции, тогаш сè ќе биде добро, рече тој.
Кливленд, исто така, загуби од Индијана на почетокот на плејофот, но потоа успеа да направи целосен пресврт.
– Тогаш се случи нешто слично. Изгубивме со 18 поени дома. Игравме лошо, па затоа треба веднаш да реагираме, додаде, пак, Кајл Корвер од Кавс.