Отворено писмо до министерката за образование г-ѓа Рената Дескоска
Само што се вратив од годишната конференција на школата за докторски студии при УКИМ, која ми е трета по ред и која личи на сè, освен на научна конференција на која кандидатите треба да ги прикажат своите презентации за научните трудови што ги работат во текот на студиите. На сите три конференции покрај мене како ментор, во комисијата седеа уште по два члена потполно некомпетентни за научната област за која се дискутираше, без разлика што сите се професори на УКИМ. Минатиот пат имав сеизмолог и еден магистер по интерпретација, а сега еден електроинженер и повторно еден магистер по интерпретација.
Да се разбереме, прво треба да си го имаме почитувањето. Ако некој сака да прави школа за докторски студии, или во сите комисии ќе става компетентни лица од најтесната научна област, или подобро нека не им ги зема над 6/7.000 евра на кандидатите кои вкупно (со сите видливи и невидливи трошоци) ќе ги потрошат за да стигнат до докторската титула.
Кога се правеа измени во Законот за високото образование, тие конечно мораa да го допрат и прашањето на докторските студии. Ако ова се случува на најстарата и најреномираната високо образовна институција во Македонија, можам да замислам како е во другите институции.
Почнувајќи од општите предмети кои ги организира школата за сите студенти, (буквално како да сме во античкиот период на образованието), од кои моите студенти, ама баш немаа никаква фајда; па до овие квази конференции, на кои се поставуваат или воопшто не се поставуваат соодветни прашања. Плус, да не зборувам кој конгломерат од студенти и ментори беа присутни на настанот, за кои прашање е од која корист ќе биде дури и ако ги ислушаат сите дваесетина кандидати кои беа предвидени за денес.
Јас како член на Сенатот на УКИМ пред десетина години (после ме сменија), кога почнаа да се прават правилниците за докторските студии, реагирав неколку пати, но за жал, од членовите на Сенатот, кој вообичаено е составен од добро избрани претставници од факултетите, не бев поддржан и работите си одеа по својот тек. Се разбира, некој се офајдува од овие школи, кои парадоксално не можат да ме убедат дека и по пола деценија постоење ја размрдаа устоената македонска квази наука. Најинтересно е што најголемиот дел од менторите кои ги подготвуваат овие кандидати, немаат поминатo ни делче од сите овие процедури, и главно титулите ги заработуваа само со одбрана на дисертацијата. Ама сега менторските акредитации ќе ги оставам за натаму, кога некоја нова ситуација ќе ми даде повод да си го одвојам скапоценото време за пишување на овие колумни, бидејќи кај да се заврти човек се отвора некоја нова бара.