Соња Бојаровска: Со хроно режимот стопив 25 кг и ги исфрлив апчињата!

Кога го започнала хроно режимот на исхрана, Соња имала 101 килограм. Пиела различни медикаменти за лекување на своите бројни болести. Рестриктивната фаза на исхрана, која е вообичаена за хроно режимот, кај неа не траела 28 дена, туку шест месеци, поради големиот вишок на килограми и низата здравствени проблеми.

4536

Пред да почне со режимот на хроно исхрана, 53-годишната госпоѓа Соња Бојаровска, се соочувала со низа здравствени проблеми. Страдала од дијабетес тип 2, а имала и проблеми со анемијата, срцето, крвниот пртисок и мастите. Овој „пакет“ од хронични заболувања, не само што ѝ ја одземал енергијата, туку и ја правел неспособна за работа и активност. За хроно режимот на исхрана, Соња дознала од блиските пријателки, и одлучила да го проба.

– Хроно режимот го започнав од здравствени причини, а не од естетски, а тоа што ослабнав ми беше „гратис“. Најмногу се одлучив за него, зашто ми изгледаше многу логичен, верував дека ќе ме доведе до успех. Пријателките ме поттикнаа и ми помогнаа да почнам, а добро е кога си во некоја група. Тие почнаа со хроно режимот две недели пред мене, па веќе упатени во него, една пријателка ми даде ржано брашно, друга рецепти, трета ми испраќаше оборци на работното место – вака Соња Бојаровска ја започнува својата хроно приказна.

Претходно се обидувала со различни диети, но сите тие имале јо-јо ефект и килограмите брзо и се враќале. Тој јо-јо феномен го чувствувала и кај шеќерот, кој во текот на денот можел да варира од три до осумнаесет единици. Кога го започнала хроно режимот на исхрана, Соња имала 101 килограм. Пиела различни медикаменти за лекување на своите бројни болести. Вели дека била толку исцрпена, па за овој режим се фатила како давеник за сламка. Рестриктивната фаза на исхрана, која е вообичаена за хроно режимот, кај неа не траела 28 дена, туку шест месеци, поради големиот вишок на килограми и низата здравствени проблеми. Но, уште на почетокот, почувствувала големи, позитивни промени.

– Веќе во втората недела го исфрлив апчето за нагло симнување на шеќерот, додека апчето „сиофор“, од кое претходно пиев три пати дневно, го намалив на едно, односно од 2.500 милиграми дозата се скрати на 500 милиграми. По шест месеци мојата крвна слика, за првпат по подолго време, беше извонредна! Себорејата ми исчезна, не пијам апчиња за масти и полна сум со енергија – вели Бојаровска.

Промената на режимот на исхрана не ѝ паднала тешко. Иако, претходно имала мерак да меси различни специјалитети од тесто, да ги украсува и со задоволство да јаде од нив, но и да подготвува различни слатки за целото семејство, цврто одлучила сите тие задоволства да ги замени со лепчиња подготвени од хељдино и од други дозволени брашна според хроно протоколот. Првиот месен хроно леб бил неуспешен, но подоцна одлично се испраксирала.

– Сѐ е во умот, па и промената на исхраната. Кога ќе видам дека нешто логички е сосема оправдано, тоа го прифаќам, и затоа не страдав по никакви јадења, знаејќи колку страдав од болестите. Кризите ми беа поврзани само со падот на шеќерот, а тогаш многу ми помагаше малку чоколадо со над 75% какао или потпечени бадеми – вели Соња и додава:

– Сепак, потребна е постојана соработка со ординцијата „Срце“, неопходно е да се биде под лекарска контрола, а не да се презема режимот на „своја рака“. Ги направив сите стручни испитувања и добив лекарски совети. Промените во мојот изглед, многу бргу беа забележливи, па пријателите констатираа дека не само што сум ослабната туку сум и подмладена.

Новиот режим на исхрана на Соња не ѝ пречел дури и за време на православниот пост. Напротив, за време на постот исхраната ѝ била осмислена, и за еден месец успеала да „стопи“ четири килограми масти.

Семејството, пак, несебично ѝ помагало за полесно да ги постигне посакуваните резултати.

– Многу ми помогна мојот сопруг, бидејќи тој ја презеде грижата за храната за останатите членови на семејството, а јас пак, за себе си подготвував оброци според хроно режимот. Само навечер јадевме во исто време, но различни намирници. Не јадев грашок ниту компири или ориз, месото го јадев само со салата. Добро ја осмислував организацијата на оброците однапред, за цела недела, какво ќе биде моето мени и како ќе го вклопам во менито на семејството – вели таа.

Проблеми да се држи до хроно режимот немала ни на работното место. За на работа земала два подготвени оброка, спакувани во торбичка- фрижидер. Дома пак, го јадела третиот оброк. А, оброците биле секогаш разнолични.

– Појадокот е обилен и најважен оброк. За појадок, добро е три пати во неделата да се конзумираат житарки јачмен, `рж, овес или хељда. Кога ќе се вратам од работа, ги покиснувам житарките пет-шест часа, со малку хималајска или морска сол, потоа ја прецедувам водата и ги варам околу четири минути. Изутрина во нив додавам малку тостирани лешници, чери домати, моцарела и босилек. Вечерата, пак, бездруго е оброк на база на зелен зеленчук и бело месо, риба или буковка– вели Соња.

Таа ја нагласува важноста на сатницата на конзумирање на оброците, која ја налага хроно исхраната. Вели дека правилна храна треба да се конзумира во вистинско време, да не се одложува моментот на јадење, ниту пак, да се грицка нешто меѓу оброците. Затоа, за себе си поставила правило – да не јаде сѐ што е храна а се отвора со шушкање, а да не пие сѐ што се отвора со капаче. Денот редовно го започнува со цеден лимон и две чаши вода, а дневно пие најмалку два литра вода.

– Сатницата е стожер. Една моја пријателка, кога ги забелажа резултатите кај мене, рече дека и таа ќе се обиде да ја следи сатница на конзумирање на храна на секои 5 часа, но не се откажа од симитката, бурекот и јогуртот. Сепак, се откажа од грицките меѓу оборците и одлучно се држеше до сатницата на јадење. И таа ослабна околу десет килограми за три-четири месеци – раскажува Соња.

Паралелно со хроно режимот практикувала да вежба пилатес. Таа забележува дека доколку овој режим се практикува со физичка актиност се решава проблемот на вишокот кожа.

Со хроно исхраната, која ја започнала пред две години, Соња загубила повеќе од 25 килограми. И денес го практикува овој режим, како начин на живот, но не рестриктивно. А, со своите очигледни резултати, и во загубата на килограмите и во значително подобрување на здравјето, успеала да го „зарази“ речиси целото семејство. Признава дека се случува малку да касне од некоја „недозволена“ храна кога е на некоја прослава. Забележува пак, дека угостителите не се флексибилни во однос на менијата кои ги нудат, особено на свадбените прослави.

– Кога одам на гости кај пријателите, им велам „извинете, но поради здравствени причини јас сум на специјален режим на исхрана“. Тоа е мојот штит, особено кога ќе нагласам „режим“. Тогаш добивам респект од домаќините – додава Соња.

Промената на „личниот опис“, на Соња ѝ донела и по некоја непријатност. На пример, кога патувала за Германија, била малку подолго задржана на полициската контрола поради тоа што нејзиниот денешен изглед не се совпаѓал со фотографијата на пасошот.

Оваа исклучително позитивна жена, чие лице постојано е украсено со насмевка, не ги крие фотографиите од „старото време“. Денес, таа блеска од енергија, до својот стан, кој е на шестиот кат, без пробем се искачува пеш, а за своите здравствени проблеми зборува во минато време.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...