За стравот и (не)моќта во партократското општество /десницата во потрага по сопствениот идентитет/

Денес за жал политичките партии делуваат по системот водач и извршители, а власта која се потпира исклучиво на принуда, слободниот граѓанин го претвора во поданик, држејќи го во состојба на уплашеност, на зависност, во состојба на перманентен страв.

464

‘‘Кога човекот некој ќе го натера да се плаши од се и сешто и тој страв трае доста долго, во тој момент целосно ќе престане да се плаши‘‘. (Е.Ф.)

Во македонската политолошка мисла, ако воопшто може да се зборува за присуство на критичка политолошка, научната, мисла во Р. Македонија, отсуствуваат научните согледувања за феноменот на стравот како состојба која е продукт на партократскиот режим на владеење но и фактор кој влијае врз политичките процеси во општеството. Самиот факт што феноменот на стравот и неговото влијание врз политичките процеси не е предмет на критичка анализа во актуелната политичката теорија и отсуствуваат од политолошките истражувања во земјава, зборува сам по себе, не само за вкупните состојби кои се присутни на политичка сцена туку и за, истовременото, присуство и взаемна условеност на стравот и на кризата кои се присутни во општествените процеси.

Во услови на поделено општество или општество во кое функционалната демократија е заменета со „надгласувачка‘‘, а институциите станале трансмисија на интересите и одлуките на партиите, проблемот на стравот излегува од сферата на психологијата на индивидуата и прераснува во исклучителен, општествен феномен, кој го индицира капацитетот на едно демократско општество.

Во својата пристапна беседа по повод доделувањето на Нобеловата награда во 1991 година, бурманската опозиционерка Аунг Сан Су Чи укажува дека „не e власта таа која расипува. Стравот од губењето на власта ги расипува оние кои ја вршат власта, како што камшикот од стравот на власта ги расипува оние кои и се покоруваат…Народите кои сакаат да градат нација во кој се цврсто втемелени силни, демократски институции како заштита од моќта на државата, мораат пред се да научат да го ослободат својот ум од апатија и страв‘‘(М. Подунавац: Легитимноста и стравот во делата на Гиљермо Ферари; ‘‘Политички перспективи‘‘ бр. 1, од 2011)

Аунг Сан Су Чи укажува на двете страни на проблемот. На стравот како чувство на немоќ и покорност на оние кои се инструментализирани од страна на власта но и на стравот кај власта кој се засилува во мерка во која власта ја засилува принудата како средство за опстанување на власт. Но, таа укажува и на фактот дека не е можно да се ослободите од стравот, ниту со тоа што ќе се покорите на нечија угнетувачка принуда, ниту пак од стравот се ослободени оние кои што со начинот на своето владеење го поттикнуваат и одржуваат стравот кај оние кои ги држат под принуда. Власта која се потпира исклучиво на принуда никогаш не може поединецот да го ослободи од стравот. Напротив го држи во состојба на стална уплашеност, во ограничена слобода која не ретко се трансформира во самоограничување на слободата, го држи во состојба на индивидуален и колективен страв.

Стравот станува индивидуална и колективна параноја кога ќе се изгуби довербата во институциите, кога легалноста ќе стане инструмент во функција на партократските интереси и партократското владеење, кога целото општество обстојува во зоната на стравот кој го создава квази демократскиот режим.

Станува збор за квази-легитимно владеење, кое се наоѓа некаде помеѓу легитимните и нелегитимните влади, чија основна карактеристика е да ја сокрива силата на стравот и несигурноста како принципи на владеење зад завесата на ‘‘независноста‘‘ на институциите и легитимноста која ја добиле на изборите. Спред Г. Фереро, цела една генерација може да се покорува на ваков вид на влада, а да никогаш не ја доведе во прашање нејзината вистинска природа, верувајќи дека тоа е спротивно од она што е. За да еден ден, како што беше случајот со СФРЈ, се ‘‘пробуди‘‘ и се најде во вителот на хаосот и крвава војна каква не се случила во Европа после Втората светска војна, или пак на социјална деструкција каква што се случува во голем дел на државите во ‘‘транзиција‘‘. Таквите општества се општества на квази легитимно владеење, во кои владее стална политичка и правна мобилизација, со цел да се одржи висока напнатост во политичката јавност, според начелото на Наполеон Бонапарта ‘‘На Французите мора да им се даде нешто ново секој три месеци‘‘.

Стравот и фасцинацијата, како социјален феномен и карактеристика на општество кое се наоѓа во состојба на аномија, се меѓусебно поврзани. Масата е секогаш спремна да прифати личности кои нудат излез од таквата состојба со „непопустлива конзистентност‘‘, „заразувајќи ги своите поданици со тоталитарен вирус и тоталитарна илузија‘‘ (Х. Арент).

Излезот од волшебниот круг на илузијата и лажната надеж е можен до колку се обезбеди ефикасна контрола на власта или пак, до колку тоа не се оствари, во бунтот како легитимно право на обесправените. Но, проблемот е во моќта да се препознаат причинителите на кризата од страна на политичките партии и во моќта на институциите да ги контролираат општествените процеси, во услови на партократско владеење. Денес за жал политичките партии делуваат по системот водач и извршители, а власта која се потпира исклучиво на принуда, слободниот граѓанин го претвора во поданик, држејќи го во состојба на уплашеност, на зависност, во состојба на перманентен страв.

Сепак се уште има простор за внатрешни промени кои ќе обезбедат остварување на функционална демократија, секако под услов ако тие ги зафатат сите сегменти на системот, а посебно политичките партии, под услов промените во институциите да значат влез на нови демократски вредности и содржини. Засега не постојат други алтернативи. Неолиберализмот и шпекулативниот капитал во „државите во транзиција‘‘ го уништија револуционерниот капацитет, организираноста и критичниот капацитет на работничката класа која се најде во зоната на загрозена структура. Тоа пак отвори простор за агресивен настап на десно орјентираните политички партии, процес кој еволуира во криминогена насока но и појава на нацизмот. Во мултинационалните држави етноцентризмот, врз кој се гради политичкиот проект на десницата, е уште еден силен фактор за кризата на десните политички партии. Од таму потрагата по идентитетот е соочена со многу подлабоки предизвици од оние кои се појавуваат на површината. Катарзата на десницата е и ќе биде многу по драматична.

Според Лина Ќостарова Унковска десницата стравот го користи како инструмент на политичка манипулација но и како израз на несигурност од премногу власт која се јавува кога се случува само идентификација на власта и на нејзините носители.

Но,постои уште еден фактор кој влијае на кризата во македонската политичка десница, а тоа е индиферентноста која настана и која е се уште присутна кај научната, политолошка, мисла но и пошироко кај интелектуалците кај нас. А. Грамши, индиферентноста, односно опортунизмот на интелектуалците, ги смета за паразитизам, кукавичлук, за „мртва вода во која најчесто се дават најсветлите вредности на едно општество, ‘‘ блато‘‘ кое ги голта оние кои сметаат да се живее значи да бидеш присутен. И јас не верувам во чуда но сакам да верувам дека постојам за да се борам. Затоа ги мразам оние кои не учествуваат, ги мразам индиферентните ‘‘ ( А. Грамши).

Васил Костојчиноски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...