Се надевам дека на следните парламентарни избори ќе го оправдаме постоењето на политичката сцена преку, самостоен настап на изборите. Оптимизмот го гледам во евентуалните измени на изборното законодавство, во насока на една изборна единица, отворени листи, и низок праг за влез во Собранието.
Ова го порача актуелниот и повторно кандидат за лидер на НСДП, Тито Петковски во обраањето пред делегатите на конгресот на партијата.
НСДП го одржува четвртиот конгрес со 500 делегати од повеќе градови. Во воведниот говор Петковски рече дека е политичко самоубиство настапот на избори надвор од двете најголеми политички партии според Донтовиот модел на пресметка на гласовите.
-Тој изборен модел објективно ги фаворизира партиите со многубројно членство, а ги релативизира помалите партии, независно од квалитетот на нивната политичка програма и изборна понуда – рече Петковски.
Тој додаде дека се надева на измена во изборното законодавство, бидејќи и СДСМ ќе може да се ослободи од несаканите политички партнери и во новите коалиции ќе влегува со чисти сметки.
– Не би било во ред само да се построиме зад стожерната партија на коалицијата и церемонијално да изразуваме поддршка и на партијата и на Владата- рече лидерот на НСДП.