Обвинителството во Тирана одреди домашен притвор за поранешниот албански министер Саимир Тахири, долгогодишниот близок соработник на албанскиот премиер Еди Рама.
Тахири (38) веќе седум месеци е под истрага поради наводна вмешаност во криумчарење на дрога и корупција.
Доколку биде осуден, може да добие максимална затворска казна од 15 години.
– Обвинителството во Тирана побара на Тахири да му биде одреден притвор, но судот одлучи тој да биде во домашен притвор – наведе портпаролот на канцеларијата на државниот обвинител, Денион Ндреник.
Адвокатот на Тахири, Макс Хаџи изјави дека обвинителството не изнело ниту еден нов доказ со кој би се оправдало „ограничувањето на слободата“ на неговиот клиент.
Хаџи најави дека ќе поднесе жалба за одлуката за домашен притвор.
Рама наведе дека ја почитува одлуката на судот и повика на „независен и транспарентен процес“.
Истовремено, американската Амбасада во Албанија повика на одредување на домашен притвор за Тахири, наведувајќи дека овој „важен случај за корупција ќе биде решен чесно и транспарентно на суд“.
Тахири беше министер за внатрешни работи од 2013 до 2017 година, а минатата недела поднесе оставка од позицијата пратеник.
Обвинет е за поврзаност со криминална група која е осомничена за криумчарење на голема количина канабис.