Едни луѓе се поеднакви од други луѓе

Ако тука има каква било консеквентност, почитувани, ја има само во едно: што и да си мисли премиерот, командантот „Хоџа“ секогаш и доследно ќе биде од другата страна на демократијата, хуманизмот, пристојноста, човечноста.

790

Пред неколку години, уште пред да се случи „Брегзит“, во Англија се појави еден забеган исламистички мула, веројатно увезен од Пакистан: тој веселко уредно проповедаше џихад, покорување или истребување „кафири“ (неверници!), исламска теократија што треба да ѝ се наметне на Европа, покорување на жените, укинување на тие демонски работи како демократија и секуларизам, и сè што оди со тоа. Заради тоа, овој откачен тип обучувал и некакви безвезни бомбаши, за кои овде е излишно да зборуваме. Кога на благородното кралство му прекурчило да го трпи откачениот мула што на нивен трошок им удира по глава, решиле да го протераат таму од кај што дошол (а таму, пак, го очекувале власти со многу потанки нерви од островските). Тогаш, овој, имено, се повикал на своите човечки права, покренал процес пред европскиот суд, и… хоп!… ете го повторно на седло! Необично? Па, не сосема.

Македонски радикализам

Кога политичко-терористички криминалец не го третираш навреме како криминалец, потоа немоќно ќе гледаш како од него расте месија.

Сигурно се прашувате каква врска сега има премиерот Зоран Заев, човек што своите правни битки ги води низ судовите на Македонија? Никакви, освен… А каква врска има тоа, пак, со нашиот командант Хоџа кого можеби обожавателите го нарекуваат, а можеби и не го нарекуваат „фирер“? Ајде да тргнеме од овој другиот кој е многу поживописен случај. Џезаир Шаќири, познат во јавноста како „командант Хоџа“, а како ни јавува „истражувачкото новинарство“ by google, бил еден од командантите на ОНА, дејствувал во Куманово, Липково и Арачиново.

За неговите заслуги на територијата на Македонија, овој командант стигнал на престижната „црна листа“ што ја прават Американците. Или, во пластичен превод, се товари човекот – благодарение на црната листа – за предизвикување национална, расна и верска омраза, а неговото идејно покритие е „исламски фундаментализам“, покритие низ кое влегува во некои злосторнички дејанија.

Денес, додека го испишувам ова текстулче, мај е 2018 година, овој „филозофски ридикул“ е назначен за советник на премиерот Зоран Заев за (внимавајте!) „внатрешна безбедност и радикализам“. Сега, верувам, повторно се прашувате, како е можно така опскурен тип да издејствува советничко место не во село Пичковица, туку да издејствува советничка улога на премиерот на Македонија, Зоран Заев?

Но, да се вратиме на поентата на оваа приказна. Идеологијата на „македонскиот радикализам“ и прибирањето вакви типови во опкружувањето на Зоран Заев не е ништо друго освен цинична негација на самата идеја и практика за универзалните човекови права, сè со цел и во име на етничкото ексклузивистичко варварство. Побркана, еклектична и надриидеолошка папазјанија на гротескно полуписмениот „командант Хоџа“ не дофрла ни дотука: не се работи за ништо друго освен за „миш-маш“ од провинцијални одекнувања на идеологија која ќе ја наречеме „натчовек“, зачинети со протреси-па-истури „расни теории“ и пивски лупетања на ќелави супкултурни билмези, комбинирани со импресивниот разигран сет од локално врежани малограѓански предрасуди од типот „едно општество за сите“.

Сите се во право

Ако тука има каква било консеквентност, почитувани, ја има само во едно: што и да си мисли премиерот, командантот „Хоџа“ секогаш и доследно ќе биде од другата страна на демократијата, хуманизмот, пристојноста, човечноста. Освен, гледај, кога се работи за него: кога ќе го притиснат до sид, па како и сите команданти на овој свет, без разлика дали од оваа или од онаа сорта, наеднаш ќе се присетат на своите човекови права, ќе откријат како тие му се кршат, и како е тоа – ију(!), гнасно – вистински прволигашки скандал!

Сосема друга работа е што „командант Хоџа“ проповедал (или му проповедале) на други луѓе: тогаш, тоа е, команданте, идеологија; но неговите лични права се нешто сосема друго, и за негова одбрана ќе се реже и цвика, се разбира, строго спрема потреба и прилика. Токму како што налага суровиот политички прагматизам (упс! – за малку не реков „бизнис“!).

На крајот, сите се во право: и оној мула, и премиерот Заев, и командантот Хоџа (фино друштвенце, не?), и на нив слични: и тие, имено, имаат човечки права, и треба да ги имаат. Во тоа спаѓа и правото на фер судење, секако. Дали, имено, има „демократија за непријателите на демократијата“? Се разбира, се друго би било самоукинување на демократијата во име на нејзината самоодбрана, што значи, еден вид самоубиство од заседа.

Ама составниот дел на демократијата е доследното спроведување на законот: идеолозите и практичарите на насилството, дискриминацијата, расизмот и теророт мора да одговараат пред законот: подобро порано отколку подоцна. Тоа не ги загрозува нивните права, како што не ги загрозува јасно разграничените поими: освен што се насилници и манипулатори, љубители на сопствените човечки права, се и проклети лицемери.

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...