Иванов во Истанбул предлагаше како да се подобри светскиот поредок

Претседателот се осврнал и на проблемите кои произлегуваат од релативизирање на вистината и манипулирање со јавното мислење, посочувајќи дека без почитување на дадениот збор ќе исчезне и довербата во системот.

108

Наместо да констатираме проблеми, треба да нудиме креативни решенија, истакнал претседателот Ѓорге Иванов  на денешниот Глобален форум за лидерство што се одржува на Универзитетот „Бахчишехир“ во Истанбул. Во своето обраќање тој посочил  неколку предлози со кои би се подобрил светскиот поредок. Покрај потребата од нова глобална етика, Иванов ја посочил и потребата од отворена дебата во мултилатералните институции, соопшти Кабинетот на Претседателот.

– Како што на светскиот поредок му требаат ефективни мултилатерални институции, така на институциите им е потребно меѓународно право. Старите меѓународни институции треба да се адаптираат за предизвиците и можностите на третиот милениум. На пример, Европската заедница, односно, Европа 1.0 во 1993 година прерасна во Европската Унија и со тоа се создаде Европа 2.0. Сега е време Европската Унија да се прошири и продлабочи и да стане Европа 3.0 – истакнал во обраќањето шефот на државата.

Иванов се осврнал и на проблемите кои произлегуваат од релативизирање на вистината и манипулирање со јавното мислење, посочувајќи дека без почитување на дадениот збор ќе исчезне и довербата во системот.

– Доволно е да ја погледнеме состојбата со меѓународното право. Република Македонија седум години чека да се испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година во однос на грчката блокада за НАТО. Една од ретките членки на НАТО, кои дословно ја почитуваат пресудата е Република Турција која секогаш принципиелно го користи нашето уставно име. И за тоа сме многу благодарни – рекол претседателот Иванов.

Како што информира неговиот Кабинет, на Глобалниот лидерски форум учествуваат политичари, амбасадори и истакнати професори од Турција и од светот. Меѓу темите  на форумот се крстопатот на меѓународните алијанси, одржливиот мир на Блискиот Исток, иднината на Европската Унија.

Претседателот Иванов вчера го посети градот Сивас во Анадолија, каде што одржа предавање и му беше доделен почесен докторат од престижниот Универзитетот „Џумхуријет“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...