Шилегов бараше 25 оџачари, а се пријавиле само шест

Во Скопје сега има само осум регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број домаќинства се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот.

225

Град Скопје денеска сооошти дека рокот за пријавување на јавниот оглас за обука на оџачари е продолжен до 25 мај 2018 година. На овој оглас досега се пријавени само шест кандидати, а предвидено е да се изврши обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица.

Обуката треба да почне на први јуни, а ќе трае три месеци. Кандидатите за време на обуката ќе добиваат надомест од 9.000 денари месечно, а по нејзиното завршување, секој, покрај сертификат, ќе добие основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување зашто чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот со 10 милиони денари. Овие субвенции ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите 25 оџачари.

Обуката на новите оџачари ќе ја спроведе Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Во Скопје сега има само осум регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број домаќинства се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак.

Оваа мерка е само дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...