Влегуваме во последната и најделикатната фаза од преговорите за името

Факт е дека денешниот ден е многу важен, вели министерот Димитров во однос на средбата со неговиот грчки колега и медијаторот Нимиц, закажана за денеска во 10.30 часот по локално време. 

278
ФОТО: EPA/ALEX HALADA

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Сунио, во близина на Атина, ќе се сретнат со медијаторот Метју Нимиц во нов обид да ги приближат ставовите за спорните прашања во преговорите за  името, а во пресрет на најавената средба меѓу премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, на 17 мај на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Факт е дека денешниот ден е многу важен, вели министерот Димитров во однос на средбата со неговиот грчки колега и медијаторот Нимиц, закажана за денеска во 10.30 часот по локално време.

– Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза, факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сѐ и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред самитот во Софија и наша должност е да најдеме едно решение што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре – рече шефот на македонската дипломатија вчера во Сунио, во изјава за медиумите.

Кога ќе има имаме договор и правна ратификација на истиот, тогаш ќе се отвори патот кон ЕУ, рече шефот на грчката дипломатија во одговор на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на прес- конференцијата по завршувањето на состанокот за иднината на Европа, што денеска се одржа во Сунио.

– Мислам дека од моментот кога ќе се договориме и ќе постои правна ратификација на договорот, патот за да се отворат преговори со Европската унија е отворен. Ќе имаме нов круг преговори, доаѓа и Нимиц. Претходните преговори се одржаа во Солун, без негово присуство. Мислам дека ако и двете страни длабоко од срце сакаме да завршиме со проблемот би требало и да се реши. Како што велам со Никола, како министри повикани сме да решиме проблем што не го создадовме – рече Коѕијас.

Како што изјавија Димитров и Коѕијас по последната нивна средба во Солун на 3 мај, се разгледуваат можни комбинации за потешките прашања. Главните разлики се во однос на прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна и за опсегот на употреба на името што би било договорено.

– Добро е што направивме исчекори, тие се огромни. Се надевам дека и за она што е останато за крај, а е многу сериозно и важно, ќе се изнајде решение кое ќе го почитува достоинството на двете земји и идентитетот на граѓантие – изјави вчера во Охрид премиерот Зоран Заев во пресрет на денешната нова рунда разговори за прашањето за името во Атина.

Заев нагласи дека Владата останува максимално посветена на процесот, како најодговорен субјект, но очекува поддршка и од опозицијата.

Грчките медиуми пренесуваат дека доколку не се случи нешто непредвидено, на 17 мај во Софија ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу премиерите Заев и Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан. На средбата меѓу двајцата премиери се очекува да се побара постигнување конечен договор за решавање на „македонскиот проблем“. Како особено важни за развојот настаните ги посочуваат вчерашната средба на Димитров и Коѕијас и денешната со медијаторот Нимиц.

За прашањето за името, според најавите од Грција, ќе се разговара и во Вашингтон на 21 и 22 мај на средбите што Коѕијас треба да ги има со новиот американски државен секретар Мајк Помпео и со новиот советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон.

Македонија се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ во јуни од кој очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на јулскиот Самит на НАТО. 

ФОТО: EPA/ALEX HALADA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...