Во врска со изјавата за медиуми на Зоран Поповски, советник во Советот на Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ на 11.05.2018 година
Советникот на ВМРО ДПМНЕ во Општина Центар, Зоран Поповски излезе со лажна изјава дека јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар-Скопје не врши уплата на комуналната такса на сметка на Буџетот на општината која изнесува 6,3 милиони денари или околу 100 илјади евра, вели Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
„ЈП Паркинзи на Општина Центар годинава веќе започна со исплаќање на комуналните такси кои ќе бидат подмирени во најкус рок. Во изминатите години претпријатието не беше во можност да ги отплаќа таксите заради подмирување на долговите наследени од претходното раководство на ЈП ПОЦ и лошата соработка со тогашното Министерство за внатрешни работи кои го водеа луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и кои одбиваа да соработуваат и да одговорат на барањата на ЈП ПОЦ потребни за негово непречено работење, а не како што наведува Поповски дека „ПОЦ“ работи со финансиска загуба што било основ за недомаќинско работење.
Пред 5 години, ЈП Паркинзи на Општина Центар беше претпријатие со проблеми и долгови, горд сум што успеавме да го направиме стабилно претпријатие кое успешно си ги сервисира обврските“, соопшти Богдановиќ.
Повеќе од јасна е намерата на опозицијата што изјавува лаги и тенденциозно сака да нанесе штета на мојот углед и угледот на претпријатието преку објавување на неточни информации. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја манипулира јавноста со лажни вести, тврди градоначалникот на Општина Центар.
11.05.2018 година