Агенцијата за млади и спорт го најави одржувањето на 42. „Македонски бисер“, најголемиот Македонски интернационален турнир во борење.
Директорот Дарко Каевски денеска на прес-конференција потенцира дека традицијата продолжува благодарение на вредните спортски работници од Боречката федерација, а Агенцијата за млади и спорт, како што рече, е секогаш тука да даде поддршка за развој на борењето.
– Борењето е најтрофејниот спорт во Македонија и, иако изминативе години изостанаа големи резултати, интересот кај младите е зголемен. Очигледно со ангажман на раководните луѓе на Федерацијата, борењето се враќа на македонската сцена на голема врата, истакна Каевски.
За деталите околу организацијата и учесниците зборуваа раководните луѓе на Федерацијата кои потенцираа дека оваа година „Македонски бисер” ќе биде најмасовен и со најголем број странски држави и звучни имиња од боречкиот спорт.