Синдикалната организација Правосудство во Основниот суд Скопје 1 бара со свој претставник да биде вклучена во Телото за реформи во правосудството.
Во писмото испратено до Телото за реформи во правосудството се поздравува отпочнувањето со работа на ова тело, но се забележува дека нема претставник кој ќе ги застапува интересите на судските службеници.
„Во ова тело за реформи во правосудството под покровителство лично на премиерот на Владата на РМ., место се нашло за судии, поедини претседатели на судови, експерти, професорската фела, адвокати, има и новинар, граѓанскиот правобранител и друго, но нема покана за судските службеници кои чинат 85 проценти од вработените во судовите за кои впрочем се прават овие реформи и евентуалните промени треба да ги применуваат“, пишува во писмото кое денеска е испратено до медиумите.
Од синдикатот нагласуваат дека треба да се направат вистински реформи за подобрување на судскиот систем и предлагаат да се воведе англосаксонски систем.
„Во досегашниот судски систем најчесто судијата ја носеше судската одлука и поради тоа беше непосредно изложен на директен притисок, а со воведувањето на англосаксонскиот систем и носењето на одлуката од страна на големата порота, притисокот врз судијата постанува нереален, а да корумпирате или извршите влијание врз петнаесет членови на големата порота е нереално што реално го смалува просторот за корупција и неправда“ сметаат од синдикатот.
Оттаму предлагаат еднаш донесената судска одлука да биде секогаш применлива за да се избегне селективноста во носењето на судските одлуки.
„Во досегашната судска пракса имаше случаеви кога два соседни суда од исто апелационо подрачје за дела со иста правна квалификација носат различни судски одлуки. Со воведување на овој елемент во значителна мера ќе ја намали селективноста во носењето на судските одлуки“, посочуваат од синдикатот.
Се бара и специјален статус на Основниот суд Скопје 1 во судскиот систем, како и подобар статус на вработените, подобри услови за работа, бенефиии и зголемени примања.