ДЕМАНТ Финансиска полиција не влегла на Клиниката за хематологија

На нашата клиника воопшто не е извршена набавка на лекот „мабтера“, велат од Клиниката.

371

Клиниката за хематологија демантира дека вчера кај нив влегла Финансиската полиција, како што објави порталот Нова ТВ, а пренесе Плусинфо. Нивниот демант го пренесуваме во целост:

„Земајќи предвид дека на Вашиот медиум објавивте прилог со наслов ‘Финансиска полиција влегла на клиниките за хематологија и ревматологија’ со кој тврдите дека цел на инспекторите била некаква последна набавка на лекот ‘мабтера’ кој според вас бил донесена со паралелен увоз по интервентна постапка, обврска на менаџментот и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија е да реагираме на овие погрешни наводи кои внесуваат страв и паника кај нашите пациенти и го нарушуваат нашиот углед и угледот на јавното здравство генерално.

Прво, во интерес на објективно информирање на јавноста на ЈЗУ Универзитетската Клиника за хематологија не е влезена Финансиска полиција.

Второ, на нашата клиника воопшто не е извршена набавка на споменатиот лек во вашиот прилог.

Трето, лекот ‘Rituximab-Мабтера’, кој во моментот се аплицира на нашата Клиника е добиен според регуларна отворена постапка – меѓународен тендер бр. 4/2017 од 29.06.2017. Истиот се увезува според паралелен увоз и дистрибутерот уредно ја доставува целата потребна документација и дозволи од МАЛМЕД, согласно законските барања. Стручниот колегиум не се сомнева во квалитетот на лекот бидејќи е од оригинален производител, досега не се евидентирани несакани реакции, ниту има поместување во очекуваните резултати од лекувањето. Не сме имале ни поплака од ниту еден пациент поради дистрибутивниот ланец кој се користи за да се донесе лекот.

Четврто, жалиме што повторно истиот автор, на сличен начин како пред два месеца, го злоупотребува вашиот медиум да шири дезинформации кои очигледно ги добива од ‘извор’ кој има сомнителни мотиви да го напаѓа реномето на нашата клиника, директно наштетувајќи им на пациентите и го руши угледот на јавното здравство генерално. Најмалку што очекуваме во рамките на истражувачкото новинарство е авторот на текстот да оствари комуникација со официјален претставник од клиниката, со што би помогнале во објективното информирање на јавноста.

Претпоставувајќи дека како медиум сте свесни за одговорноста што ја имате за начинот на кој ја информирате јавноста, особено за здравствените услуги и квалитетот на лековите, бараме заради објективност и во интерес на вистината овој писмен демант да го објавите интегрално во законски предвидениот рок утврден во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Дополнително, заради ублажување на штетата која ваквите прилози им ја нанесуваат на пациентите, во најмала рака би било професионално и пристојно уредувачкиот тим на ТВ Нова јавно да се извини и огради од дезинформациите кои некој упорно се труди да ги пласира.“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...