Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска повторно ќе седне на иста маса со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, на маргините на вториот состанок на министрите за надворешни работи на балканските земји и Вишеградската група, што се одржува во Сунио во близина на Атина.
Двајцата министри, претходно на 4-ти овој месец, учествуваа на квадрилатералниот состанок во Солун.
Димитров, како што соопшти МНР, на покана на Коѕијас ќе учествува на вториот состанок во проширен состав на министрите за надворешни работи од Балканот и Вишеградската група, во таканаречениот формат „Балкан 4 плус Вишеград 4 плус“.
Средбата со Коѕијас официјално не е потврдена, но е очекувана во процесот на интензивирање на преговорите за спорот околу името, а за в сабота е закажан нов состанок на двајцата министри со медијаторот на ОН, Метју Нимиц. Состанокот со Нимиц ќе се одржи во Атина.
Шефовите на дипломатиите на последната средба во Солун, како што информираа, разгледувале комбинаторки за најспорните прашања – промена на Уставот и опсегот на употреба.
Димитров и Коѕијас најавија дека за разгледуваните комбинаторики ќе ги информираат премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои пак, се очекува да се сретнат на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 17 мај во Софија.
Димитров во Сунио вчера се сретна со поранешниот грчки премиер, а сега лидер на Сегрчкото движење на демократските социјалисти и на социјалистичката интернационала, Јоргос Папандреу.
– Инспиративна средба со Папандреу за иднината на нашите две земји кои имаат историска можност во блиска иднина да станат сојузници. Историјата е важна. Но ние можеме да ја промениме само иднината – напиша на својот Твитер профил по средбата министерот Димитров.
Од прес-центарот на партијата на поранешниот грчки премиер, како што јави дописничката на МИА од Атина, кусо соопштија дека Димитров и Папандреу разговарале за мирот и стабилноста на Балканот.
Државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот, вчера на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев рече дека прашањето за името треба да се реши годинава или статус кво ситуацијата ќе продолжи со години.
– Има волја на двете страни и може да се стигне до заеднички прифатлив компромис. Медијаторот Матју Нимиц има клучна улога, но владите на двете земји се тие кои го водат процесот. Потребни се конструктивност, креативност и флексибилност. Македонската Влада е позитивна и креативна, а таква е и Владата во Атина, и затоа гледам светлина на крајот на еден долг тунел – рече Рот.
Тој додаде дека последните изјави ја потврдуваат волјата прашањето сега да се реши, и двете страни се подготвени за тешки компромиси. Порача дека не треба да се поставуваат црвени линии, а неопходно е да има и дијалог меѓу власта и опозицијата.