Поранешниот министер за внатрешни работи Антонијо Милошоски вели дека купувањето и реновирањето на дипломатско-конзуларните претставништва на нашата земја во странство било во надлежност на меѓуресорската комисија, која била составена од претставници на неколку министерства и дека тој, иако бил министер за надворешни работи токму во тој период, не бил директно вклучен во тие активности.
Министерството за надворешни работи завчера излезе со информација дека со купувањето и реновирањето на амбасадите е оштетен државниот буџет, бидејќи амбасадите се плаќале повеќе отколку што реално вределе и дека имало фиктивни реновирања на објектите.
Според неофицијалните информации, најголем дел од набавките што се спорни, а се поврзани со купувањето и реновирањето на дипломатско конзуларните претставништва, се случиле во периодот од 2007 година до 2010 година кога министер за надворешни работи беше Милошоски.
На прашањето дали очекува да се најде во кривичната пријава за овој случај, Милошоски не дава конкретен одговор, туку повторно упатува на комисијата. Кои точно биле членови на комисијата, Милошоски не се сеќава, но смета дека ја водел Игор Илиевски, кој тогаш бил државен секретар во МНР.
– Оваа комисија си ја сноси целата одговорност и од неа треба да се бараат одговорите за тоа што се случувало – објаснува поранешниот министер.
Тој вели и дека генерално финансиите во Министерството за надворешни работи не ги водел тој, туку заменик-министерот и државниот секретар.
Милошоски со „командна одговорност“
Како што објаснуваат упатените, тоа што Милошоски вели дека тој не ги носел одлуките туку комисијата, не го амнестира од одговорност бидејќи тој како министер е одговорно лице и треба да следи како работи таа комисија. Дополнително, велат упатените, од документите и од изјавите може да се види дека комисијата всушност само реализирала насоки добиени од повисоко ниво.
Иако не се направени точни пресметки, сепак процените се дека две третини од 50 милиони евра буџетски пари што биле одобрени за оваа намена, всушност се злоупотребени. Други велат дека, ако се работело домаќински, наместо пет амбасади ќе можело да се купат 15.
Извори од процесот како најпроблематично го посочуваат тоа што се купувале објекти што не можеле да се користат. Интересен е случајот со амбасадата во Будимпешта каде што биле викнати попови да ја осветуваат, бидејќи сè внатре крчкало, а над вратите имало закачувано крстови. Се утврдило дека целата амбасада била полнета со пур-пена, односно дека објектот бил во катастрофална состојба, а пред продажбата бил само „нашминкан“.
На Обвинителството му треба време
Обвинителството ќе треба да утврди и како една адвокатска канцеларија се јавува во сите случаи, односно како таа канцеларија отворала претставништва во сите градови каде што сме купувале амбасади.
Од Јавното обвинителство информираа дека документацијата од МНР ја добиле неодамна поради што допрва ќе се постапува по неа и засега не можат да дадат повеќе информации во врска со овој предмет.
Вчера државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, обвини дека поранешни функционери и вработени во Министерството за надворешни работи извршиле сериозни злоупотреби при купувањето дипломатски-конзуларни претставништва, за што владата во 2007 година одвоила 50 милиони евра.
Купени се објекти во пет држави, а сите се на неатрактивни локации, што остава сомнение дека биле со многу помала цена отколку прикажаната. Владата ги фаворизирала поскапите, иако имало објекти на поубави места и многу подобри објекти за помала цена. Според документацијата, биле правени непотребни реконструкции и имало и случаи каде што биле наведени реконструкции што некогаш не се направиле.
– За купувањето бил направен систем од мрежа на странски адвокати, компании и лица со седиште во Виена, Прага, Будимпешта, Лондон. Постојат индиции за сторени низа прекршување на сите постапки, поради кои непотребно се исплатени големи суми и е оштетен Буџетот – рече државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.
Извор: Мими Шушлеска Петкова, Слободен печат