Отприлика разбрав за што сум обвинет, бидејќи воведникот говор беше помешан со политика. Повеќе политика отколку право. Не се чувствувам за виновен.
Ова го одговори поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на прашањата од судот дали го разбрал обвинението во „Титаник 2“ и дали се чувствува виновен.
Произнесувањето за вина следуваше откако обвинителката Фатиме Фетаи даде воведен говор и образложи за што се обвинети.
Покрај Мијалков, дека не се чувствуваат виновни одговорија и сите останати обвинети, меѓу кои и лидерот на ДПА Мендух Тачи и поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими. Обвинети се и други поранешните членови на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Обвинението се однесува на влијанието на Мијалков и Тачи за членовите на ДИК да донесат незаконска одлука со цел да се прегласува на едно избирачко место во Струмица на локалните избори во 2013.
Денешното рочиште заврши со воведниот говор и со произнесувањето за вина, судењето ќе продолжи на 22 мај со воведни говори на адвокатите на обвинетите.