Иранските напади врз израелски цели на Голанската Висорамнина нѐ доведуваат пред прашањето на војна или мир на Блискиот Исток, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.
– Знаеме дека сме соочени со екстремно сложена состојба. Ескалацијата во последните неколку часови укажува дека сега навистина е прашање на војна или мир. Јас само можам да ги повикам сите вмешани страни на воздржаност – изјави Меркел на церемонијата на доделување на наградата „Карло Велики“ во германскиот град Ахен, која му беше врачена на францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон ја доби наградата поради, како што се наведува во образложението, „неговиот придонес за европското единство и за визијата за нова Европа“.
На маргините на свеченоста во Ахен, Меркел и Макрон имаа и билатерална средба на која разговарале за најновите случувања на Бликсиот Исток.
Во заедничката изјава по средбата, Меркел и Макрон повторија дека Германија и Франција остануваат посветени на договорот за иранската нуклеарна програма и покрај одлуката на САД за повлекување од него.
Тие воедно ги повикаа сите страни на Блискиот Исток на воздржаност и деескалација на состојбата.
Повикот на Меркел и Макрон уследи откако Израел денеска објави дека иранските сили стационирани во Сирија нападнале израелски бази на Голанската Висорамнина. Како одговор, Израел изврши напади врз цели во Сирија, кои се оценети како најжестоки од почетокот на сирискиот конфликт во 2011 година.