Со оглед на тоа што парламентарната демократија кај нас е релативно млада, особено ако се споредиме со многу држави во Европа и пошироко, нема сомнеж дека улогата на парламентарниот етичар за многумина од нас, е релативно непозната. Сепак, отворени сме за соработка и за учење од искуствата на тие што одамна го изоделе патот на градење на вистинска парламентарна демократија, порача претседателот на Собранието Талат Џафери на Панел-дискусијата – Улогата на парламентарниот етичар во спроведувањето и почитувањето на Етичкиот кодекс во Парламентите – пракса од Националното собрание на Француската Република.
– Во тие рамки на демократски процеси и стандарди е и идејата за донесувањето на Кодекс за етичко однесување на пратениците во Собранието на Македонија. Овој кодекс кој во моментов е во фаза на нацрт-документ, има за цел да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа. Со тоа, да се зголеми и довербата во Собранието како претставнички орган на граѓаните на Македонија и носител на законодавната власт – рече Џафери.
Тој додаде дека за да биде законодавниот дом функционален и, пред сѐ, во корист на граѓанинот како поединец и општеството во целост, потребно е воспоставување на етички норми, стандарди и правила кои ќе станат секојдневие, без разлика дали сме на власт или опозиција.
– Градењето на парламентарната демократија никогаш не е лесна задача. Понекогаш се случуваат и настани за кои посакуваме никогаш да не се случеле или пак настани поради кои домашната јавност и меѓународната заедница го вперуваат прстот кон нас.
Јас, во својство на претседател на Собранието уште на почетокот на мојот мандат, изјавив дека нема да дозволам да се повторат негативните настани од минатиот период, настани кои оставија темна дамка во историјата на градење на нашата млада парламентарна демократија. За тоа беше потребен натчовечки напор и огромен труд, меѓутоа со несебичен ангажман на сите политички чинители, денеска можам да кажам дека успеавме да се вратиме кон вистинските демократски процеси и стандарди кои се потребни за да се воспостави вистински политички дијалог и усогласување на ставовите за правење на реформите кои се потребни за да стигнеме таму каде што стратешки сме се определиле уште од осамостојувањето, а тоа е полноправно членство во ЕУ и НАТО. Тоа им го должиме на сите кои веруваат во нас, нашите граѓани, нашите деца, идните генерации и на Македонија – рече Џафери.