Дипломатските севдалинки на Хајрудин

Некои објекти во скопско Бардовци биле изградени од извесни градежни фирми, паралелно со купопродажбата и реновирањето на нашиве дипломатски објекти во странство.

1597

Доброоо… Вчера се објавија официјалните наоди на Министерството за надворешни работи за сомневањата за големи измами и многу организиран криминал при купувањето и одржувањето на бројни дипломатски згради за потребите на Македонија во странство. Извештајот е страва, да ти се дигне коса на глава, дури и ако ти е непостоечка, како мојата ќелаица, или ако ти е разретчена како, еве, кај Антонио Милошоски, на пример!

Значи, со извинение на принципот за пресумпција на невиност, овде од сто километри се гледа дека се работи за крупен, милионски криминал. Проценките на надлежните се дека во целата оваа сомнителна државна инвестициска операција, објектите се преплатувани во однос еден спрема три, односно дека за она што пазарно чинело еден милион евра, биле плаќани три! Повеќе од така преплатените објекти, купени пред само некоја година (некои од нив биле и дивоградба!), од тогаш до денес не се во употреблива состојба, па поради тоа државата изнајмува други објекти во овие престолнини, иако се правени и дополнителни милионски, наводни, реконструкции и обновувања.

Целата неколкугодишна криминална операција, од 2007 година наваму, според првични наоди, чинела околу, дребни, 50 милиони евра. Јас чувствувам – онака, од проклето искуство – дека таа сума, кога ќе се комплетира истрагата и обвинителниот акт, значително ќе порасне.

Најголемиот број зделки ги работела воспоставена „мрежа“ во која, покрај неколку доверливи кадри од МНР, учествувала и една странска адвокатска канцеларија (извесен д-р Ендре Фехер, преку кого оделе милионски суми за купување, изнајмување, поправки и посредувања во зделките со објектите, кој адвокат во голем број случаи ни бил овластен правен застапник и нам, како купувачи, но и на оние кои ни ги продавале објектите во разни земји!), а како главен „пејач“ со репертоар за инвестициски „севдалинки“ се спомнува името на извесен „Хајрудин од Босна“ кој – види чудо! – бил сопственик на повеќе купени објекти низ различни европски престолнини. Види, мајката, каква случајност, чиста коинциденција што Хајрудин, ете, така, си имал објекти од Прага до Виена и Москва, баш нам кога ни требале да ги купиме!

Многу од објектите се наоѓаат на периферија, во резиденцијални населби на главните градови во овие пет-шест странски земји, иако подобри и поголеми објекти во центарот на престолнините ни биле нудени за поевтини пари од вака преплатените.

Но – како што велат во рекламите при акциските распродажби на стока на залиха – „Тоа не е сè!“…

Имено, моите дипломатски и истражни извори додаваат уште неколку пикантни основани сомневања: дека и некои објекти во скопско Бардовци биле изградени од извесни градежни фирми, паралелно со купопродажбата и реновирањето на нашиве дипломатски објекти во странство; дека имињата на некои од странците се вмешани и во други бизниси, но и истраги што се водат за сосема други случаи од страна на обвинителските инстанци во Македонија; дека кабинетот на Груевски бил запознаен во сите инвестициско-финансиски детали на ваквите зделки; но и дека еден наш познат бизнисмен од Чешка, со тесни роднински врски во политичкиот врв на владите на Груевски, стои во позадината на оваа добро разработена криминална купопродажна мрежа, иако неговото име – миракулно! – никаде не се појавува во анализираните документи на овој дипломатски инвестициски скандал.

„Го нема во документите – велат моите извори – но го има во изјавите на некои од вмешаните!“… Тоа е тој човечки фактор, секогаш најнепредвидливата карика во секој синџир на криминали.

Така што, знаеме наскоро што ќе биде: кога обвинителите ќе дадат налог за приведување и притворање на вмешаните (а меѓу нив ќе има и сегашни пратеници во Собранието на РМ), ќе рипне најголемата опозициска партија со тврдење дека сите купопродажни одлуки се донесени со решение на надлежни комисии и со одлуки на владата, дека се работи за политички терор, за притисок од „хунтата“ врз опозицијата и за измислени случаи за пропагандно да се сокрие промената на името!

Оди сега ти, па разбери се, што е суштината на делата од кривичната област „организиран криминал“! О-р-г-а-н-и-з-и-р-а-н, алооо!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...