Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, пратеникот Артан Груби ја одби поканата на Парламентот на Србија да учествува на Интернационална парламентарна конференција која ќе се оддржи на 11-12 мај во Белград на тема „Преку ЕУ идеја кон мир и развој, во знак на протест и солидарност со Косово, но и поради учеството на Русија“.
По вицепремиерот за европски прашања Бујар Осамни, кој неодамна одби да учествува на Конференција за Западен Балкан, во Бања Лука, Босна и Херцеговина оти домаќините не го поканиле Косово, Груби е вториот функционер кој се солидаризира со Косово.
На Меѓународна конференција во Белград собира комисиите за европски прашања на парламентите на Југоисточна Европа, како и високи претставници на Србија и Брисел, но и Русија.
Според информации на Груби, Србија прво го поканила Косова па се пишманила и вчера преку писмо го информирала косовскиот парламент дека поканата е повлечена.
Груби за Плусинфо потврди дека го откажал учеството на конференцијата.
– Конференцијата не е во духот на солидарноста и европската интеграција на регионот, како и заедничката соработка кон европскиот пат. Содржината, концептот и учесниците се косат со моите геостратешки убедувања за евроатлантската припадност на Македонија и регионот. Не можам со моето присуство да легитимирам поделби во Југоисточна Европа, како и да дадам придонес за потенцирање на источен протагонизам во овој процес којшто е против геостратешките определби на мојата земја – ни изјави Груби.
Пратеникот и претседсател на собраниската Комисија за европски прашања го одбил учеството на Конференцијата поради неучеството на Косово и учеството на Русија. Првиот панел на Конференцијата е за улогата на Русија.
Српските медиуми пренесоа изјава од претседателот на одборот за европска интеграција Ненад Чанак во која тој потврди дека го поканил претседателот на косовскиот парламент на Меѓународната конференција во Собранието на Србија, но дека поканата е повлечена, бидејќи на тоа се противела претседателката на парламентот Маја Гојковиќ.
Вицепремиерката за евроинтеграции на Косово Блерта Делиу-Кодра, реагираше на одлуката на српскиот парламент за откажување на поканата за косовските пратеници.
– Одлуката на Собранието на Србија да ја повлече поканата за учество на конференцијата организирана од страна на претседателот на Комитетот за европски прашања на Собранието Ненад Чанак, јасно покажува дека српската Влада не е подготвена да расчистат со минатото, да биде ориентирана кон она за што ЕУ е силно посветено кон демократијата, развојот и добрососедство – напиша Делиу-Кодра.