На булеварот Крсте Мисирков, зад поликлиниката „Бит Пазар“, почна дислоцирањето на трговците кои продаваат цвеќиња, соопшти денеска портпаролот на Општина Чаир Куштрим Ала.
Целта е еднаш засекогаш да се иницира решение за хаосот кој се предизвикува на овој булевар.
– Со ослободување на просторот каде порано се одвиваше трговската дејност, се создаваат потребните технички предиспозиции за изградба на нова такси-станица. Што се однесува до одредената локација, ова е само привремено решение кое ќе важи до изградбата на новиот пазар со просторен капацитет за квалитетно извршување на трговската дејност – рече Ала.
На спомнатата локација, додаде тој, е инсталирано јавно осветлување и се преземени мерки за создавање оптимални услови за работа.
– Ќе ги информираме граѓаните за новата локација на трговците со цел процесот на купопродажба да се одвива нормално без никакви пречки и застој – напомена портпаролот.