Уставниот суд го укина нормираниот учинок како услов за исплаќање на минималната плата.
Судот одлучи да се укине членот 2 став 1 од Законот за минимална плата кој се однесува на нормираниот учинок како услов за исплаќање на минималната плата.
„Според Судот нејасно и непрецизно е регулирано во однос на тоа каква е формата и видот на соработката што работодавачот при утврдувањето на нормираниот учинок ќе ја остварел со работниците и дали таа соработка воопшто има влијание во однос на законското овластување на работодавачот да го утврдува нормираниот учинок. Од друга страна спорно е и во однос на тоа дека со условот за исполнет нормиран учинок утврден од работодавачот се доведува во прашање остварувањето на минималната плата на работникот“, стои во одлуката на Уставен.
Со одлуката се укинуваат и членовите 2, 3 и 4, како и членот 7 б став 1 и 3, кои беа донесени со измените предложени од Министерството за труд и социјална политика кои влегоа на сила лани во септември.
Иницијатива за оспорување на овие членови од Законот за работни односи беше поднесена од Сојузот на синдикати на Македонија и од партијата Левица.