Скопје доби нов цветен пазар кај Поликлиниката „Бит-пазар“. Тезгите со цвеќиња што беа распослани на тротоарот по должината на булеварот Крсте Мисирков, до Бит–пазар, сега се поставени на само 100 метри од оваа локација, на просторот зад Поликлиниката „Бит-пазар“.
– Град Скопје и општина Чаир со поддршка на Еснафот на Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија почнаа да ги ослободуваат улиците и тротоарите од сите препреки што го оневозможуваат нормалното одвивање на сообраќајот во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешачите. Од денеска Скопје добива уште еден цветен пазар. Секое купено цвеќе е чекор плус за справување со транзитниот период и можните потешкотии во работењето. Градот Скопје има разбирање дека трговците коишто работат на нелегално поставените тезги вложуваат многу труд за да заработат за основни средства за живот. Затоа, во соработка со „Скопски пазар“ за сите трговци на нелегално поставени тезги на овој потег обезбедивме простор во рамките на „Бит-пазар“ под одредени поволни услови – рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Во делот околу Бит-пазар е предвидено да се оформи нова такси-станица, да се засадат дрвореди, просторот хортикултурно да се уреди и да се постават заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот. Дополнително, се планира да се уредат и осветлат пасажите во Старата скопска чаршија.