Серија пропусти, незаконитости и потрошени огромени средства од државниот буџет, се утврдени од увидот во документацијата за купување дипломатско-конзуларни претставништа на Република Македонија во странство во изминатите десетина години, изјави денеска државниот секретар во МНР Виктор Димовски.
На прес-конференција во Владата, Димовски посочи дека со одлука на Влада од 2007 биле одобрени 40 милиони евра за купување 15 дипломатски-конзуларни претставништа, а со ребаланс на буџетот уште 10 милиони евра.
Купени се пет објекти во Будимпешта, Прага, Истанбул, Љубљана и Виена во 2007 година. Со одлука на тогашниот министер за надворешни работи биле формирани две комисии што ги спроведувале набавките.
– Од увидот е констатирано дека двете комисии работеле само формално, односно доминирало влијанието на претседателот на една од комисиите. Сите купени објекти се наоѓаат на локации во кои нема амбасади. Исклучок е Прага каде прв сосед ни е амбасадата на Северна Кореја. Објектите се далеку од останатите ДКП-а и од центарот на градот, односно во обични резиденцијални квартови. Тоа укажува и на можноста дека реалната цена во времето кога биле купени била пониска од таа што е платена – изјави Димовски.
Биле фаворизирани несоодветни и поскапи објекти иако имало понуди и за поквалитетни објекти, со поголема квадратура и на репрезентативни места. Правени се непотребни реконструкции и адаптации на објектите, и тоа неквалитетни, а скапо платени материјали.
Димовски како пример го посочи објектот во Виена за кој се платени 3.5 милиони евра со агенциска провизија од 105 илјади евра и реконструкција која достигнала 1.4 милиони евра.
– Има индиции дека продавачот на објектот само пред една година платил 1.46 милиони евра. Утврдено и е дека фирмата била формирана со единствена цел да го изврши тоа продавање на објектот. Една адвокатска канцеларија била застапник и на продавачот и на купувачот РМ, кажа Димовски.
Втор пример е објектот во Будимпешта кој е во опасност да се урне бидејќи била направена неквалитетна доградба и се создало свлечиште. Македонија од 2010 година за резиденција и за амбасада до денес плаќа закупнина и покрај купен објект од милион и 70 илјади евра, рече државниот секретар во МНР.
Во Прага, пак, купениот објект бил дивоградба, а надлежните власти донеле одлука за негово уривање затоа што бил изграден спротивно на чешките закони.
Димовски нагласи дека за купување на објектите била воспоставена мрежа на странски адвокати, странски компании и странски лица со седиште во Будимпешта, Виена, Прага, Вилнус, Лондон, а веројатно и во други центри кои ги координирале своите активности со комисијата за купување на објектите. Договорените решенија и биле наметнувани на комисијата која потоа ги предлагала до Владата, потпишани од тогашниот министер за надворешни работи.
Во повеќето договори доминира името на еден сопственик на фирми од босанско потекло, а во сите адвокатските услуги е вклучена адвокатската канеларија „Д-р Фехер и партнери“ на адвокатот Ендре Фехер.
– Постојат индиции дека кабинетот на поранешниот претседател на Владата и поранешниот генерален секретар на Владата постојано и во детали биле информирани за сите постапки. Врз основа на сето ова има индиции дека се направени сериозни нарушувања на постапките и процедурите за купување на објектите поради што се исплатени огромни суми со што е нанаесена директна штета од поголем обем на буџетот на РМ. Сите овие наоди ќе бидат доставени до надлежните институции за натамошно постапување – рече Димовски, додавајќи оти се уште не е точно утврдено колку точно средства се потрошени за купување на овие објекти.