Голманот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон предупреди дека неговиот тим никогаш не може да се чувствува како фаворит против Милан. Двата тима излегуваат во нов голем меѓусебен судир во финалето на Купот на Италија вечерва на „Олимпико“ во Рим. Многумина им даваат предност на „бјанконерите“ во овој натпревар, но ветеранот не се согласува.
– Многу рано научив дека никогаш не можеме да се сметаме како фаворит против Милан, уште од финалето во Лигата на Шампионите во 2003 година. Во следните години одигравме четири финалиња против овој ривал. Двапати изгубивме по изведување на пенали, еднаш освоивме по продолженија и уште еднаш пак по пенали. Ова покажува дека натпреварите со Милан никогаш не завршуваат во регуларното време. Во нив, техничките квалитети на двата тима немаат значење и сè се изедначува, изјави Буфон на пресот пред натпреварот.
Во последните години ветеранот ретко е на мрежата во натпреварите за Купот на Италија. Сепак, вечерва се очекува да биде стартер.
– Ако не грешам, последен пат сум играл во финалето за Купот на Италија во 1999 година. Тоа се речиси 20 години. Фактот дека имам шанса да одиграм уште едно финале е возбудливо за мене. Мислам дека улогата на втор голман доста се промени во последните шест или седум години, особено во големите клубови. Сега тие играат по 15-20 натпревари во сезона и треба да бидат на потребното ниво, додаде голманот.
Натпреварот ќе се одигра вечерва од 21 часот.
ФОТО: видео