Општина Струмица ги демантира, како што наведува, инсинуациите за наводен судир на интереси, пласирани во јавноста преку денешната прес-конференција на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Вистината вели дека Општина Струмица, по пат на електронско јавно наддавање, изврши продажба на споменатото градежно земјиште, а истото го купи физичкото лице Сашко Брндевски, за кое согласно Законот за градење, доби и одобрение за градба. Подоцнежната промена на инвеститорот е направена врз основа на Договор за отстапување на право на градење, а на Решението за промена на инвестор не стои потписот на Зоран Заев. Тоа значи дека не постои никаков судир на интереси, како што обвинува господинот Мицковски“, соопшти Општина Струмица.
Очигледно е дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ прави залуден обид да ја дискредитира Општина Струмица и да го наруши угледот на поранешниот градоначалник, а сега премиер Зоран Заев, велат од општината.
„Дека се е согласно законот, зборува фактот дека споменатата продажба на градежно земјиште се случила во време кога на власт била ВМРО-ДПМНЕ, па доколку имало нешто кое се коси со Законот, нивните институции сигурно ќе реагирале, особено кога се работи за Општина Струмица и Зоран Заев. Општина Струмица е секогаш отворена и транспарентна и стои на располагање на сите институции и на целокупната јавност, за какви било информации од делокругот на своето работење“, се наведува во соопштението.