СЛОБОДЕН УДАР Чекајќи аир од Џезаир

Ако е така, тогаш оние педесетина што ги избрал, треба веднаш да ги отпушти. Или поради тоа што го советувале да го избере Шакири или поради тоа што не ги фермал нивните совети. Освен ако не се таму колку за лебот.

1697

Ако нешто може да биде поскандалозно од назначувањето на Џезаир Шакири – командант Хоџа за советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, тоа се образложенијата, оправданијата за одлуката со која е (пре)окупирана целата јавност на целата територија на Македонија. Освен онаа во Танушевци и најблиската околина, која сега е конечно ослободена од ваков вид непотребни дообјаснувања. Таму сè е јасно. Значи, не ме карај мајко што се коцкам, туку што се вадам.

Прв почна Заев. Се разбира, со аргументи што не се ниту во прилог на Шакири ниту во прилог на неговата одлука: „Ако човек со минато како неговото биде во полициската станица во Танушевци, тоа може да предизвика и непријатни случувања…“, „тој е граѓанин на Република Македонија, во врска со концептот едно општество за сите, јас не ги делам граѓаните на Македонија. Апсолутно верувам дека секој може да биде ангажиран некаде како соработник, некаде како советник…“ итн., итн. За платата, за лепчето и за децата ич да не зборуваме.

Како ова да не беше доволно, се надоврза министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за кого нема ништо контроверзно командант Хоџа да му биде советник на Заев, зашто „од 2002 година многу контроверзни имиња ја воделе Македонија“!? Каква почит за традиционалните вредности! Наместо да ја разјасни, изјавата на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, внесе дополнителна контроверзија: „премиерот лично ги избира своите советници“. Ако е така, тогаш оние педесетина што ги избрал, треба веднаш да ги отпушти. Или поради тоа што го советувале да го избере Шакири или поради тоа што нивните совети не му значат ништо. Освен ако не се таму колку за лебот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...