Христијан Мицкоски целосно е навлезен во промашената матрица на неговиот претходник Никола Груевски кој слично како и Мицкоски со години неосновано и напразно го обвинуваше Зоран Заев за неговата работа во општина Струмица, раегира СДСМ на обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот продал земјиште кое завршило во рацете на брат му Вице Заев.
– Во 2014 година, периодот за кој денеска неосновано обвинува Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ имаше целосна контрола врз институциите и доколку постоеше и најмало сомневање за сторен криминал од страна на претседателот Заев и неговото семејство тие веднаш ќе беа процесуирани. Јавноста се уште памети дека во тој период беа правени стотици контроли врз работата на Општина Струмица, дека сите можни институции и инспекции буквално со месеци живееја во Струмица и не успеаја да најдат ништо незаконско -велат од СДСМ
Според партијата, несериозно и неодговорно е Мицкоски после четири години да се обидува да оживува „потрошени лажни и наводни афери измислени од ВМРО-ДПМНЕ“.
– Ова е уште една промашена прес-конференција на Мицкоски која исто како и претходната е целосно разобличена. Залудни се измислените наводи на Мицкоски, постапката е чиста и транспарентна и е во интерес на Oпштина Струмица и економијата. Со денешниот настап, Мицкоски повторно покажа дека е лош актер влезен во филмот на неговиот претходник и исто така лош актер, Никола Груевски – велат од СДСМ.