Категоријата надворешен соработник на Претседателот на Владата на Република Македонија е ангажман кој е директен избор на лица од страна на премиерот и за овој вид соработка не е потребно објавување на оглас. За потребните активности и надлежности на надворешниот соработник, одлучува премиерот. Ова е одговорот на владината служба за комуникации, транспарентност и отчетност на прашање на Плусинфо какви квалификации и какво образование има новоназначениот соработник за безбедност и борба против радикализмот Џезаир Шаќири кој од Буџетот на РМ секој први во месецот ќе зема плата од 36.000 денари, речиси исто колку што се платени најголем дел од високообразованите советници во владината администрација.
„Џезаир Шаќири како поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија, е почитуван од страна на граѓаните во земјата, а дополнително го почитува концептот едно општество кој е дел од владината програма“, се додава во одговорот од владиниот Сектор за односи со јавноста на прашањето на Плусинфо за стручната обученост на новиот соработник на премиерот Зоран Заев.
На веб страницата на Собранието, во кусата биографија за поранешниот пратеник Шакири пишува дека има завршено средно образование и дека добро зборува француски, англиски и германски јазик.