Брзината со која Заев именува советници во својот кабинет (сега се над 50) ветува дека можеме да очекуваме наскоро да го надмине бројот на советниците во кабинетот на Груевски (над 80) кога тој си замина од власт. А него го туривме од завитлавање поради тоа!
Ако еден премиер има потреба од толку голем број надворешни, внатрешни, специјални, времени, повремени и привремени советници, што ќе му е тогаш влада со дваесетина ресори во кои работат стотици и илјадници државни службеници и именувани функционери кои ги „покриваат“ истите области, како и советниците на премиерот?
Ова прашање, се разбира, е само реторичко, бидејќи многумина би требало да го знаат одговорот: премиер со 50-100 советници, всушност, е самодоволна влада за себе. Односно, со така гломазни премиерски кабинети, министерствата служат за администрирање со ресорите во кои се спроведуваат политиките, а самите политики се кројат и се донесуваат во кабинетот на премиерот, а не кај надлежните министри.
Тоа, всушност, ја подразбира една од главните аномалии на македонската демократска практика, изразена со проблемот на персонализираната моќ во македонската политика, особено од доаѓањето на Груевски на власт, а сега и со Заев. (Знам, знам, користам разни еуфемизми за да не го употребам вистинскиот збор: автократија…) Сите решенија и важни одлуки се очекуваат (и доаѓаат) од самиот врв на владата – читај: врвот на партијата, бидејќи тековните партиски структури на моќта (со сите кујни, фракции и партиски крила) се пресликуваат во нашите коалициони влади – дури и без разлика на желбата за микро и макро менаџирање на владејачките процеси од самите личности на премиерите.
А кога за премиери ќе ни се потрефат мераклии за микро-менаџирање, каков што беше Груевски и во каков, по сè изгледа, расте Заев, тогаш овој проблем „експлодира“ со стотина советници околу нив, бидејќи политиките мора да се кројат и прекројуваат во кабинетот на премиерот. Кои се последиците од ваквите системски дисторзии?
Па, на пример, погледајте ја реформата во секторот на внатрешните работи и тајните служби: и врапчињата на гранка знаат дека помеѓу д-р Зоран Верушевски, советникот за национална безбедност на Заев, од една страна, и актуелното раководство во УБК и министерот Оливер Спасовски, од друга, постојат темелни разлики во реформските концепции на овој сектор на безбедноста, па процесот не се одвива со потребната реформска брзина и неопходната „длабочина“ на реформските зафати. Но, во „советнички“ конципираното владеење на премиерот, и МВР се колеба во својата решителност за побрзо одвивање на реформите, а и другите политички структури (како парламентарната група на СДСМ, да речеме) немаат јасни сигнали за тоа „на чија страна“ да застанат.
Или: како може новиот Закон за образование да се донесе пред само една-две недели, а министерката д-р Рената Десковска, која го изработила, предложила и бранела тој Закон, додека уште печатот не е исушен на законската хартија, да се спомнува како едно од „сигурните“ имиња кои ќе се реконструираат во Владата?
Може, може, имено, бидејќи кај нас не функционира, што рече некој неодамна, ниту парламентарен ниту претседателски, туку „премиерски систем на владеење“, во кој министрите не се толку битни, оти политиката (често независно и од законите!) се крои во кабинетот на премиерот.
Затоа и мислам дека целата јавна врева со уникатниот нов советник на премиерот за „ограничена географска безбедност“ (реонот на с. Танушевци), Џезаир Шаќири, е само „забава за народ“ во однос на суштинската деформација на системот. Не е проблем Шаќири (чиешто именување, се разбира, е глупост што доликува на хај-хуј персоналната политика што понекогаш провејува од кабинетот на Заев); проблем е што власта ни е многу од-горе-надолу вертикална, со турканица кон врвот.
А Заев е на добар пат таа густина на своето кабинетско население да ја зголеми до несносливи граници. Што ли ќе работат, тогаш, сите овие луѓе на Премиерот?
Извор: Цивил медиа