Владите имаат клучна улога во заштитата на личните податоци. Владите не само што чуваат значителна количина информации за луѓето, туку тие се чувари на информациите на граѓаните, изјави денеска заменик-амбасадорот на Велика Британија во Македонија Пол Едвардс, на тркалезната маса за заштита на личните податоци организирана од „Аналитика“.
– Транспарентоста и личните податоци е нешто што британската амбасада го вклучи во својата работа во изминатите три години, и за време на претходната влада и тоа беше единственото нешто врз кое интензивно работевме, затоа што чувствуваме дека јавноста треба да знае што се прави во нивно име – рече Едвардс.
Тој истакна дека во Велика Британија има одредени принципи со кои се регулира начинот на чување на информациите.
– Кога ќе пристиснете „да“ за некоја информација вие продавате нешто вредно. Тоа личи на размена на информации, вие им давате податоци тие ви даваат слободен Фејсбук на пример, но тоа не е така. Информацијата некому му е од вредност, и некој за таа информација ќе тргува. Вие сакате информацијата што ја давате да се чува – вели Едвардс.
Вели дека со денешната технологија и можноста да се собираат информации за луѓето, може поевтино да се складираат податоци отколку порано и тоа може да бидат илјадници информации за кои можеби знаете, но можеби и не знаете.
Важно, според него, е информацијата да не се чува повеќе отколку што е потребно, и треба да се чуваат безбедно и сигурно за да не може никој друг да пристапи кон таа информација, како и тие да не се пренесуваат на други без правна заштита.
– Велика Британија исто така согледува дека одредени информации бараат поголема заштита од другите, на пример оние кои зборуваат за вашето етничко потекло, политичките уверувања, здравствената состојба. Зошто тоа би можело некому да му биде од корист. Тоа е нешто многу лично и може да биде злоупотребено – вели Едвардс.
Истражувањето на „Аналитика“ покажало дека во однос на перформансите на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, во речиси половина од случаите имателите ја доставиле информацијата веднаш по поднесувањето на жалба пред Комисијата. Забележан е и квалитативен напредок во работата на Комисијата во врска со жалбите за одбиен пристап врз основа на чл. 6 (исклучок од пристапот до информации). За жал, според „Аналитика“ се уште има институции кои го прекршуваат Законот во значителна мера, погрешно ги разбираат одредбите од законот или воопшто не одговараат на дописите на Комисијата.
Истражувањето покажало дека најчести се повредите на личните податоци на социјалните мрежи, но потребно е да се едуцираат граѓаните за да препознаат повреди од страна на јавниот сектор.
Во однос на транспарентноста, Дирекцијата за заштита на личните податоци има забележителна и континуирана активност во медиумите, особено на радио, печатените медиуми и социјалните мрежи, покажува истражувањето на „Аналитика“.