Грчките „Семакедонските сојузи од светот“, во допис до министерот за надворешни работи Никос Коѕијас бараат прекин на преговорите за името.
Станува збор за грчките организации кои беа дел од организаторите на протестите во Солун и Атина за „одбрана на името Македонија“.
– Веднаш треба да се прекинат преговорите и да запрете да го понижувате достоинството на Грците во целиот свет, со отстапливоста и со вашето инсистирање да им го подарите името Македонија на робовите од Скопје – му пишуваат на Коѕијас и велат дека тој има обврска да ја земе предвид одлуката од лидерската средба во 1992 и несогласувањето на грчкиот народ за постоење на името Македонија во името на „соседната централно- балканска држава“.
Во дописот пишуваат дека, според објавените информации, „јасно е дека преговорите се стигнати до ќорсокак“ поради неприфаќањето на ерга омнес име и уставна промена од македонска страна.
– Не постои никаква причина, Вие, претставувајќи ја грчката страна понижувачки да молите да продолжат преговорите кога веќе направивте болни и историски неточни отстапки, прифаќајќи сложено име кое го содржи терминот Македонија – му пишуваат на Коѕијас од „Семакедонските сојузи од светот“.
Писмото го потпишуваат организациите од САД, Австралија, Канада, Африка и Грција.