Алекс Фергусон се разбуди од кома и покажува знаци на опоравување по итната хируршка интервенција на мозокот.
Најуспешниот менаџер во британскиот фудбал останува на интензивна нега, но вчера се разбудил и веќе разговарал со семејството и пријателите во Кралската болница во Салфорд, кадебеше примен во саботата, пишува „Дејли Мејл“.
Хируршката интервенција поминала многу добро, а реакцијата на 76-годишниот поранешен менаџер на Манчестер Јунајтед дава надеж и оптимизам на неговите блиски. Сепак, тие признаваат дека постои долг и бавен пат до целосна рехабилитација на Сер Алекс.
Веста за состојбата на Фергусон го потресе фудбалскиот свет кој се обедини во давањето поддршка на легендарниот експерт, кој освои 38 трофеи во текот на 26 години на „Олд Трафорд“, пред да се пензионира во 2013 година.