Владата денеска ќе ја одржи 67. седница на која ќе се произнесе по Предлог-одлуката за давање согласност за давање под долготраен закуп на градежно земјиште-сопственост на РМ по пат на непосредна спогодба на Друштво за производство на електрична енергија „Актуел енерџи груп“ доо – Скопје, за изградба на мала хидроелектрична централа Конска и придружни објекти на река Конска, општина Гевгелија.
Министрите ќе го разгледаат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, на предлог на Министерството за финансии, а на предлог на Министерството за транспорт и врски, пак, ќе ја разгледаат и информацијата за продолжување на крајниот рок на достапност на средствата обезбедени од заем од Европска инвестициска банка за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, како и извештајот за моменталната состојба на железничка делница Бељаковце – Крива Паланка, од железничкиот Коридор 8.
Како што соопшти владината прес-служба, Министерството за животна средина и просторно планирање на денешната владина седница ќе ја презентира информацијата за потпишување на Рамковен договор помеѓу Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) и Министерството за животна средина и просторно планирање.
На денешната владина седница ќе биде разгледан и извештајот за спроведувањето на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015 – 2020, како и Годишниот извештај за 2017 година на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.
Министрите треба да се произнесат и по Информацијата за прогресот на реализација на Проектот “Откуп на дворно место 1 евро за 1 м2”.
На денешната владина седница Јавното претпријатие за државни патишта ќе информира за можноста за поврзување на ТИРЗ „Тетово“ со автопатот А2 (Е-65), а Агенцијата за вработување на Република Македонија ќе ја презентира Програмата за работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија за 2018 година.