Кандидатите кои беа предложени ги бираме согласно условите. Ние како Влада сме само предлагач, а парламентот е тој кој избира, се дел од коментарите на премиерот Зоран Заев откако владата ја предложи сестрата на Катица Јанева, Лиле Делиџакова за заменик претседател на Комисијата за хартии од вредност.
– Ние само предлагаме. Собранието е тоа што ги носи одлуките. Секој граѓанин може да конкурира. Како да ѝ кажете дека нема право да конкурира ако ги исполнува усливите – одговори премиерот на новинарско прашање зошто Владата ја предлага сестрата на Катица Јанева.
– Јавноста е тука, слободно коментирајте ако има судир на интереси и неетичко однесување – порача Заев на новинарите.
Во документ што е испратен од Владата и примен во Собранието на 2 мај годинава, Владата бара Собранието да избере претседател и заменик на Комисијата кои ќе бидат професионално ангажирани и уште тројца членови кои ќе доѓаат на седници.
Комисијата за хартии од вредност треба да ја води Нора Алити, експратеничка од ДУИ, а останатите тројца предложени членови се: Зоран Колев, Кирил Јовановски, Душко Гошевски.
Медиуми објавија и дека Делиџакова лани од Агенцијата за вработување добила пари од програмата за самовработување за – фризерски салон. Делиџакова била прва на списокот на селектирани кандидати за самовработување од избраните кандидати од Гевгелија.