Џезаир Шаќири е еден од граѓаните коj се приклучи на опозицијата кога немаше потреба некој нешто да ослободи, зошто немаше вооружени сили во Танушевци, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за ангажманот на Шаќири за соработник за безбедност во премиерскиот кабинет.
-Тој е граѓанин на Република Македонија. Во делот на севкупната ресоцијализација или консолидација во нашето општество и во врска со концептот едно општество за сите, јас не ги делам граѓаните на Македонија. Апсолутно верувам дека секој може да биде ангажиран некаде како соработник, некаде како советник, некаде директно вработен во јавните институции ако може да помогне, рече Заев по денешното рочиште за „Поткуп“.
На новинарско прашање зошто Шаќири не е ангажиран во Полициската станица во Танушевци, туку е назначен како советник, рече дека ако човек со минато како него биде во Полициската станица во Танушевци тоа може да предизвика и непријатни случувања.
– Знаеме дека во тоа време македонската полиција се бореше против луѓе кои беа поставени во борбата против македонската полиција и тој важи за еден од командантите. Верувам дека може да биде од директна помош на премиерот затоа што и себеси се сметам од првите носители на концептот „едно општество за сите“, а и еден од одговорните кој треба да водат грижа за државата за спречување на било каков екстремизам или радикализам, рече Заев.
На прашање каде ги остварувал средбите со Шаќири, Заев рече дека биле во Владата, каде пиеле кафе, разговарале и логично е тоа затоа што и тој е граѓанин на Република Македонија.
-Во духот на концептот едно општество за сите, не ги делам граѓаните и верувам дека секој може да помогне. Тој работи за плата со која верувам дека ќе може да го гледа неговото семејство. Жалам, што се задоцни со одговорите за ова прашање. Јас сум човек кој нема предрасуди. Верувам дека човекот може да помогне, ако се појават одредени екстремистички и радикални групи на територијата каде живее. Тој го познава теренот, а живее и во Скопје – одговори Заев.