Помалку посетители, помалку писатели, отсуство на климатизација и вентилација, без катчиња за дружење и интерактивни случувања. Вака деновиве поминува 30. издание на Саемот на книгата во Скопје, кое годинава се одржува во ВИП Арената „Борис Трајковски“.
Меѓу посетителите вчера попладне беше и поранешниот премиер, Никола Груевски, кој и годинава направи добар шопинг, напуштајќи го Саемот со неколку полни кеси со книги. Дури и неговите двајца телохранители носеа дел од кесите со книги. Груевски се задржуваше речиси на секој штанд по околу половина час и внимателно ги разгледуваше книгите.
– Јас сум редовен посетител на Скопскиот саем уште од 90-те години. Сметам дека годинава нема писатели – не циркулираат, не седат на штандовите, не можеш да ги видиш. А неколку политичари видов. На просторот му недостига духот на Саемот. Со вентилацијата на просторот не сме задоволни. Сепак, свесни сме дека Саемот на книги е поставен во спортска сала. Однапред се помирив со тој факт, ама во претходниот простор беше поубаво – вели Јован Димоски, уредник во „ПНВ публикации“.
Поетесата Елена Пренџова смета дека влезот треба да биде бесплатен за сите посетители.
– Промотивниот простор треба да биде поуреден, а не настрана поставен, затурен. Треба да има настани кои постојано ќе се случуваат, не само промоции и потпишување на книги, туку трибини, дискусии, дебати, поетски читања…, поинакви претставувања не само на книгите, туку и на авторите – додава таа.
Недостатоци забележа и Бранка Бугариска од „Арс Ламина-публикации“.
– Свесни сме дека немавме голем избор кога немаме веќе саемска зграда, па можеби салата „Борис Трајковски“ е единствениот простор кој може да ја понуди неопходната квадратурата и капацитет. Има мали недостатоци, на пример, убаво би било да има кафулиња, место за одмор, малку повеќе простор за циркулација на повеќе луѓе, малку подобра климатизација… – вели Бугариска.
Збунетоста кај луѓето која ја предизвика новата локација на Саемот на книги, ја забележува и писателот Александар Прокопиев.
– За една култура многу е важно да има свој Саем на книги, доколку не се одржеше, ќе беше права катастрофа! Но, ако веќе се наоѓа нов простор, треба подолгорочно да се работи на сето она што е поврзано не само со просторот, туку и со пристапот до него, со самата подготовка на Саемот. Луѓето се малку збунети. Инаку, што се однесува до самиот простор немам ништо против, но му треба да заживее, да има добра стратегија, странски гости, странски издавачи, жива програма, тркалезни маси, разговор со гости, да не се сведе се само на продажба на книги. Ова ми недостасува – вели Прокопиев.
Сепак, некои издавачи сметаат дека во рамки на можностите на адаптација на спортска сала, просторот е прифатливо добро адаптиран, иако не е на ниво на саемски простории.
– Речиси сите издавачи реагираа на слабата вентилација и климатизација на просторот, нешто што на наредните Саеми на книги, не би смеело да се повтори – вели Горјан Лазаревски, директор на издавачките куќи „Магор“ и „Авант прес“ и претседател на Здружението на издавачи и книжари на Македонија.
И покрај недостатоците кои се последица на набрзина адаптираниот простор и отсуството на време за креирање на потемелна и пожива програма, издавачките куќи се задоволни од посетеноста и од продажбата на книгите.
– Посетеноста е сосема добра, од тој аспект ние сме задоволни. Имавме малку проблем со климатизацијата. Имаше денови кога навистина беше многу тешко да се издржи. Мислам дека штандовите се со многу различна големина, би требало да постои некоја унификација. Не може некој колку што сака да добие толкав штанд, мора да постои некаков максимум. Промоциите на штандовите треба да бидат со соодветно озвучување, доволно само за посетителите на тој штанд, а не да се малтретира цела хала – потенцира Ненад Стевовиќ од „Или-или“.
Дека на новиот Саем на книга му недостига стариот дух се согласуваат и издавачите и посетителите.
– Културата на читање во земјава е на колена и тоа се одразува не само врз продажбата на тиражите, туку и врз вкусот на читателите. Треба да се реафирмира статусот на книгата и да се наметне како потреба на секој граѓанин – смета Андреј Јованчевски од издавачката куќа „Бегемот“.
Саемот на книгата започна на 3-ти мај, а неговите врати за посетителите ќе бидат отворени до 9-ти мај.