Извлекување на полицијата од канџите на диктаторската клика

Во споредба со тоа што искусивме на улиците, вежбата на зелената трева на стадионот изгледаше како балет. На улица, таа „вежба“ е далеку потрауматична.

862

„Полицијата и МВР никогаш повеќе не смеат да бидат злоупотребени во политички цели заради одржување на поединци на власт. Граѓаните на Република Македонија никогаш повеќе нема да се плашат од оние кои што се повикани први да бидат во нивна заштита. Човековите права и слободи никогаш повеќе не смеат да бидат прекршени од оние што треба да ги гарантираат и да ги чуваат“, рече премиерот Зоран Заев, на централната прослава на Денот на полицијата во Штип.

Претходно, министерот Оливер Спасовски во своето обраќање потсети: „Пред само една година, Македонија се соочи со сериозно нарушена безбедност и загрозен уставен поредок. Бевме на работ на граѓанска војна и нови жртви за нечии себични интереси. Мотивите и причините се добро познати, но креаторите и извршителите не смеат да останат неказнети. Особено не оние кои ја злоупотребија полицијата и се обидоа да ја свртат против својот народ“. Тој не заборави да каже и дека, како граѓанин, ќе биде и добронамерен критичар на полицијата.

Каков контраст! Навистина, остар контраст во споредба со говорите, а уште повеќе сталинистичкото однесување на Грујо, Горде, Батето и рестото од Фамилијата. Можеби некој злобник ќе каже дека говорите на премиерот Заев и министерот Спасовски на прославата на Денот на полицијата во Штип се само уште еден добро обмислен јавен настап со пропагандни цели. Но, јавно и јасно изговорен збор од највисоки државни личности се документ и обврска. А овие говори се ветување дека во тек е операција на извлекување на полицијата од канџите на диктаторската клика.

Говорите на Заев и Спасовски звучат како недвосмислена, јасна и цврста гаранција која секој полицаец мора да ја запомни и да ја преземе одговорноста за нејзино почитување. Тоа се ставови кои за секој полицаец во оваа земја треба да звучат како наредба. Секој/а од нив мора да работи деноноќно на исполнување на таа наредба. Истото се однесува и на јавните обвинители, кои може само да сонуваат да го достигнат нивото на хероините од СЈО. За судиите и да не зборуваме. Сите тие од говорницата во Штип добија јасна порака. Секако, јавноста нема да заборави да ги држи за збор и високите државни функционери и ќе очекува од нив да бидат доследни и да се држат до гаранциите и пораките што ги испратија.

Парадата на штипскиот стадион покажа дека македонската полиција има персонал со високи вештини, кои приредија вистински спектакл со многу опрема, истрели, експлозии и акробации. Тоа значи дека се доволно интелигентни и професионални, заложбите на нивниот министер и премиер да ги спроведат во дело.

Делот од парадата во која специјалците изведоа вежби за справување со толпа, разбудија свежи спомени од деновите на ненасилната револуција против режимот на Фамилијата. Во споредба со тоа што искусивме на улиците, вежбата на зелената трева на стадионот изгледаше како балет. На улица, таа „вежба“ е далеку потрауматична. Да се надеваме дека Македонија нема да има потреба да ги употреби никогаш повеќе. Иако, се сомневам дека нема да има потреба, имајќи ги на ум капацитетите на криминалците кои не само што се на слобода, туку се и на позиции од кои можат слободно да гаѓаат во срцето на демократската трансформација на општеството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...