Судењето за предметот „Тортура“ не почна ниту на денеска закажаното рочиште. Третообвинетиот Новица Станковски припадник на алфите не дојде поради здравствени причини.
Сите останати дојдоа на судењето, меѓу кои и првообвинетиот Сашо Мијалков и второобвинетиот Ивица Анчевски Пуки.
Во судница дојде и оштетениот Љубе Бошковски.
Обвинителот Гаврил Бубевски реагираше дека документацијата не е сериозна и од неа може да се види само дека обвинетиот прима некаква терапија.
– Од оваа потврда може да се види само дека обвинетиот прима некаква терапија. Не гледам никаков основ дека не може да дојде. Барем да е посериозна документација да видиме што е – рече Бубевски.
Новото рочиште е закажано за 13 јуни. Ова не е првпат да се одложи почетокот на судењето. Претходниот пат се откажа затоа што поканата за судење нр беше доставена на вистинската адреса на Мијалков.
„Тортура“ се однесува на насилното и сурово апсење со понижување на Љубе Бошковски еден ден по изборите во 2011 година.