Истражување: 45 отсто од Грците имаат разбирање за сложено име со терминот Македонија

180

За 45 отсто од Грците е разбирлива перспективата за сложено име со вклучен термин Македонија, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од агенцијата „Прората“ за грчкиот Институт за алтернативни политики ЕНА, што ги објавува весникот „Етнос“.

На истото прашање, 23 отсто од анкетираните рекле дека „перспективата за признавање на ПЈРМ со сложено име што ќе го содржи терминот Македонија им предизвикува бес за оние што прифаќаат такво нешто“, 14 отсто одговориле дека се срамат што се Грци, 13 отсто се рамнодушни, додека пак пет проценти одбиле да одговорат.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во истражувањето, на анкетираните им се поставува прашањето и за тоа кои се непријателските земји за Грција. Број еден непријател, за 87 отсто од испитаниците е Турција, а 45 проценти сметаат дека Македонија е непријателска кон јужниот сосед.

На прашањето „кои од следните земји ги сметате за непријателски“, анкетираните имале можност да одберат позитивен или негативен одговор. Поконкретно:

– За Македонија, 45 отсто одговориле да, 38 отсто не

– За Албанија, 47 отсто да, 37 отсто не

– За Бугарија, 70 осто не, 10 отсто да

– За Турција, 87 отсто да, 7 отсто не

Шеесет и девет проценти од анкетираните сметаат дека Македонија не претставува закана за територијалниот интегритет на Грција, наспроти 21 отсто што одговариле позитивно.

Во однос на тоа дали интеграцијата на Македонија, Албанија и Турција во ЕУ ќе ги подобри односите со Грција, за Скопје и Тирана, Грците имаат позитивен став, додека пак за Анкара одговараат негативно.

– За Македонија, 57 отсто одговориле да, 35 отсто не

– За Албанија, 56 отсто да, 37 отсто не

– За Турција, 27 отсто да, 64 отсто не

На прашањето, кој е најважниот проблем во грчката надворешна политика, 46 проценти рекле дека тоа е управувањето со турската позиција кон Грција, 34 отсто справувањето со бегалскиот бран на грчките острови, а само пет проценти од анкетираните сметаат дека најважниот проблем е управувањето со прашањето со името.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...