Македонската параолимпијка Оливера Наковска-Бикова стана првата спортистка од Македонија која обезбеди директна квота за учество на Параолимписки игри во Токио 2020.
На Светското првенство во стрелаштво што се одржува од 1 до 12 мај во Чеонгју, Република Кореја, Бикова во дисциплината „Спорт пиштол 25 метри“ со резултат од 569 кругови влезе во финалето како четвртопласирана од 32 спортисти кои настапија во борбата за медали, што воедно значеше и освојување на директна квота за учество на следните Параолимписки игри во Токио по две години.
Согласно пропозициите, во оваа дисциплина 4 спортисти освојуваат директни квоти за Токио и тоа носителите на медали и најдобро пласираната спортистка. Со оглед на тоа дека Наковска-Бикова беше единствената спортистка во финалето, веднаш беше јасно дека е најдобро пласирана спортистка и ја освои квотата со самиот пласман во финалето.
Настапот во Токио ќе биде петти по ред на параолимписки игри за Наковска-Бикова.
По испуканото финале, таа го зазеде конечното 6-то место во дисциплината „Спорт пиштол 25 метри“.
Денеска Наковска-Бикова настапи во дисциплината „воздушен пиштол-жени“ и во конкуренција на 31 натпреварувачка, во основниот дел го освои првото место со изедначен светски рекорд од 570 кругови.
Во финалето, по истреланите дополнителни 22 истрели, Наковска-Бикова го освои 3-тото место и бронзениот медал со резултат од 214,3 кругови. Ова е трет последователен бронзен медал на нашата спортистка од Светските првенства. Трета беше и во Загреб 2010 и во Сеул 2014 година во истата дисциплина.