Анѓушев: Да овозможиме текстилните фирми да се борат на светскиот пазар ВИДЕО

Според Анѓушев, во делот на текстилната и кожарската индустрија има бројни проблеми, кои најпрвин, како што вели, ќе се обидат да ги детектираат, а потоа со законот кој веќе е донесен дел од нив и да се решат.

512

Состојбите и проблемите  во текстилната и кожарската индустрија и мерките со кои може да се подобри бизнис климата, беа тема на разговорите на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев со претседателката на Текстилниот кластер, Маријана Перковска и сопственичката на текстилната компанија „Албатрос“, Весна Миладинова.

Според Анѓушев, во делот на текстилната и кожарската индустрија има бројни проблеми, кои најпрвин, како што вели, ќе се обидат да ги детектираат, а потоа со законот кој веќе е донесен дел од нив и да се решат.

– Мислам дека ќе биде потребно за текстилната и кожарската индустрија, кои се трудоинтензивни дејности во Македонија и кои што вработуваат голем број граѓани, а притоа има и сериозни индустриски капацитети и доста големи инвестиции во тој дел, македонските стопанственици да си изнајдат нови модели на мерки со кои што ќе успееме да текстилната индустрија ја охрабриме и да и овозможиме да се бори со светскиот пазар, бидејќи и текстилната и кожарската индустрија треба да се бори со светскиот пазар, затоа што тие индустрии се преголеми да продаваат само на македонскиот пазар – наведе Анѓушев, при посетата на штипските компании.

Тој забележа дека од денешниов разговор со Перковска и Миладинова произлегле корисни идеи кои ќе бидат применети во законски решенија, а со цел да бидат од корист на текстилната индустрија.

– Имаме неколку идеи, околу тоа како да расте платата во текстилната индустрија, а притоа да им помогнеме на сопствениците државата  да партиципира во делот од тоа. Видовме неколку модели, кои што може да се применат и се применуваат во светот. Видовме кој е моделот во Бугарија, ги видовме и моделите во некои други држави. Јас денеска слушнав една исклучително корисна идеја која што мислам дека може да се преточи во иднина во законско решение, посочи Анѓушев.

Според него, за да се развиваат текстилната и кожарската индустрија потребно е решавање на три проблеми, а првата работа е овој сектор да работи со современи машини.

– За тоа државата ќе помогне со новиот Закон, каде што усвоивме амандман во кој што дадовме поволности текстилната и кожарската  индустрија  да добијат повратна инвестиција без задоволување на критериумите како и другите индустрии и тоа е многу важно. Тој момент мислам дека ќе го решиме тука, а исто така и во законот во мерките кои што се предвидени преку Фондот за иновации се отвара простор за правење нови колекции, создавање развојни центри во делот на текстилот, кои што се добри и важни за текстилот да не работи само лон, туку треба да нуди поширока лепеза на услуги, рече Анѓушев.

Вториот проблем е како текстилната и кожарската индустрија да ги задржат работниците, а, како што вели, Аѓушев тоа треба да се направи со зголемување на платата на работниците.

– Тука државата треба да биде партнер и да измисли механизам како да не ги оптовари дополнително значи сопствениците на текстилните и кожарските компании, а притоа државата да не биде оштетена, а да овозможи раст на нето платите на вработените и мислам дека во такаа насока денеска и направивме една идеја, појаснува Анѓушев.

Пред да ја објави новата мерка, вицепремиерот истакна дека треба да се направат анализи. Третиот проблем кој треба да се реши во текстилниот и кожарскиот сектор е квалификуваниот кадар, а тоа ќе се реши преку реформите во средните стручни училишта.

– Мора да го смениме целиот образовен процес во Македонија не само заради текстилната и кожарската индустрија, туку и заради другите индустрии, мораме на младите луѓе да им обезбедиме извесна иднина, која што ќе биде предвидлива. Денска сите вие ги кажувате на еден мост, кој се вика надеж, ги запишувате на факултети, на кои што никој не знае што ќе работат тие понатаму, а никој не им кажува дека кога ќе ги качите на тој мост, кој се вика надеж на другиот крај има бездна. Мораме да ги пренесеме младите луѓе преку тој мост и на другиот брег за нив да има извесна иднина, рече  Анѓушев.

Претседалката на Текстилниот калстер, Мирјана Перковска вели дека е задоволна што за многу кратко време од Владата  наишле на разбирање, но и да бидат сослушани за нивните проблеми и како истите да се решат.

– Ова е почеток и ова е едно круцијално прашање кои што многу ќе и помогне на текстилната индустрија. Во делот на можноста за зголемување на платите од една страна и од друга страна тоа зголемување да не влијае драстично на цените на нашите услуги на странските пазари. Сметаме дека со ова текстилните компании ќе можат да ги задржат своите вработени за да можат да бидат поконкурентни и на пазарот на трудот, а сето тоа знаете дека во Македонија во принцип има недостаток на работна сила. Мметаме дека на овој начин и ќе можеме дел од младите да ги анимираме во оваа индустриска гранка, наведе Перковска.

Вицепремиерот Анѓушев денеска оствари и средба со раководството на компанијата „Актива“ , која работи во делот на градежништвото и производство на делови за автобуси. 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...